Вицепремиерот Маричиќ со честитката до МПЦ: Радосен крај на седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на својот Фејсбук профил го честита признавањето на МПЦ-Охридска архиепископија од страна на Вселенската Патријаршија и се заблагодари на истрајноста, вербата и надежта на ветиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, на свештенството, монаштвото, и верниот народ.
„Со денешното исконско признавање од страна на Вселенската Патријаршија, МПЦ – Охридска архиепископија станува неискоренлив дел во евхаристиското општење со својата јерархија, клирот и народот, под пазувите на единството на Православието.
Воедно, со овој историски чин конечно се исправа долгата неправда врз МПЦ – ОА и македонскиот народ. Признавањето на каноничноста од страна на Мајката Црква, првопрестолната Вселенската Патријаршија става радосен крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.
Топло и со радост сакам да се заблагодарам на истрајноста, вербата, надежта и молитвите на ветиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, на свештенството, монаштвото, и верниот народ“- стои во честитката на вицепремиерот Маричиќ.