Владата ги задолжи надлежните институции во рок од три месеци да најдат можни места за дислокација на кафеавите мечки

Министерството за животна средина е задолжено во рок од 12 месеци изработи акциски план за управување со кафеавата мечка, а заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и научни институции се задолжени во рок од три месеци да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат/префрлат кафеавите мечки.
Оваа одлука беше разгледана и усвоена на вчерашната владина седница, во врска со зголемениот број мечки во Маврово и Ростуше, за што подолг период се жалат жителите.
-Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено во рок од 3 месеци да направи анализа од регионот за формирање интервентен тим за крупни ѕверови и да ја информира Владата на Република Северна Македонија. Исто така, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со научни институции се задолжуваат во рок од три месеци да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат/префрлат кафеавите мечки, соопштија од Владата.
Воедно, директорот на Центарот за управување со кризи е задолжен да ја организира координацијата на активностите на институциите во спроведување на мерките, да организира и спроведува контрола над нивната имплементација, како и да предлага нови мерки покрај донесените и препорачани од надлежните институции за создавање на услови за намалување на појавата на кафеава мечка (Ursus arctos L.), во урбана средина.
Дума.мк
