Вонреден состанок на бугарската владеачка коалиција за Македонија
Вонреден состанок на коалицискиот совет вечерва ќе ги собере владините партнери во бугарската влада. Средбата е на барање на премиерот Кирил Петков. Главна тема на Коалицискиот совет се односите со Северна Македонија, соопштија од „Бугарското национално радио“.
Според нив, се очекува бугарскиот премиер Кирил Петков да им објасни на своите партнери зошто побарал од претседателот да го свика Консултативниот совет за национална безбедност и да го претстави досега постигнатото во дијалогот со Скопје.
Самиот Петков најави свикување на состанок на владината коалиција при посетата на Рим и Ватикан на 24-ти мај. Тој посочи зошто би се заложил претседателот Румен Радев да се сретне со сите страни претставени во парламентот.
„Форматот на коалицискиот совет е многу важен. Ова ќе го поставам како прашање од моја гледна точка и ќе разговараме со коалициските партнери, но ни треба поширок консензус и затоа опозицијата мора да биде информирана“, изјави Петков.