Загинатите во несреќа во Бугарија се од повеќе градови – идентификацијата ќе се врши со ДНК анализа
Жртвите во страотната автобуска несреќа во Бугарија, што се случи ноќеска во која изгоре автобус од Северна Македонија, според првичните информации, се изгорени до непрепознатливост. Идентификацијата ќе се врши со ДНК анализа. Истрагата ќе ја води бугарското обвинителство.
Премиерот Зоран Заев, кој заедно со министрите за здравство и за надворешни работи, Венко Филипче и Бујар Османи, ги посети повредените патници кои се хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија, информираше дека во несреќата загинале патници не само од Скопје, туку се од повеќе места.
„Сите се граѓани на Северна Македонија, од повеќе националности се, но има и еден граѓанин од Прешево, Србија, кој заедно со вереницата од Куманово бил во Истанбул на прошетка. Во листата видовме и дека има едно лице со белгиско државјанство“, изјави Заев.
Тој не сакаше да коментира кои се верзиите за причините, и упати да се почекаат информациите на стручните лица, додавајќи дека во разговор со преживеаните ги слушнал нивните впечатоци.
„Од она што слушнав, кога се случила несреќата овие седуммина го скршиле задното стакло и така се спасиле“,рече Заев.
Несреќа се случи ноќеска околу два часот на магистрала Струма, во близина на Перник. Патниците се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.