ЗНМ: Уставен Суд утврди прекршување на слободата на изразување на новинарката Душица Мрѓа за „Крвавиот четврток“
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја поздравува денешната одлука на Уставниот суд со која се потврдува дека на колешката Душица Мрѓа новинарка од ТВ24 e прекршенa слободата на изразување а со тоа и повреденo правoтo на граѓаните да бидат информирани за случувањата кои беа на 27-ми април во Собранието.
Оваа одлука на Уставен доаѓа откако колешката Мрѓа ги оспори пресудите на Основниот граѓански суд од 2021 година како и пресудата од Апелациониот суд од 2022 година, каде смета дека двата суда и го повредиле правото на слобода на изразување пропуштајќи ја можноста во пресудите да утврдат дека како новинарка на 27-ми април 2017 година државата прво не ја гарантирала нејзината безбедност при извршување на работните задачи во Собранието на Република Северна Македонија и била оневозможена да известува слободно за настаните кои се одвивале таму.
Од друга страна во пресудата Апелациониот суд прифатил дека не била доведена во прашање слободата на изразување за настаните, бидејќи таа слобода ја реализирала во дебатни емисии во наредните денови, но не е разјаснето дали таа имала можност да ја реалзира слободата критичниот ден. Во барањето се спори наведеното од пресудите а тоа е дека нема повреда на правото на слободата на изразување бидејќи терористички акти се забранети на секое место во државата, вклучително и Собранието, па така можело да се случи и на улица или било каде, а државата е должна да се справи со истите и пред се да ги заштити граѓаните, но и фактот што во Собранието влегле лица кои не требало да се таму, според судот не ги дерогира законите, ниту значи дека на колешката Мрѓа и било оневозможено слободното изразување.
Оттука сакаме да потсетиме дека Уставниот суд во јули 2023 година утврди повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот Влатко Стојановски од ФОКУС за време на настаните во Собранието на 27-ми април 2017 година. Според судот, во две пресуди – една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 година и една од Апелациониот суд Скопје исто од 2021 година е пропуштено да се утврди и повреда на слободата на изразување.
Овие активности се дел од програмата на ЗНМ каде на своите членови новинарите и медиумските работници обезбедува бесплатна правна помош, правен мониторинг, меѓутоа и застапување пред домашните правосудни органи и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Дума.мк