Египет ја отвори авенијата на сфингите во Луксор (ВИДЕО)
Египет во четвртокот го отвори обновеното шеталиште старо речиси 3.000 години кое некогаш ги поврзувало познатите храмови Карнак и Луксор во јужниот дел на земјата, во обид да го поттикне туризмот, главен извор на национален приход.
Изградена во античкиот град Теба, авенијата на сфингите беше отворена во четвртокот на церемонија за која египетските власти рекоа дека е дел од кампањата за промовирање на Луксор како еден од најголемите музеи на отворено во светот.
Египетскиот претседател Абдел-Фатах ал-Сиси и високи државни функционери присуствуваа на церемонијата на прикажување на древниот религиозен фестивал покрај шеталиштето долго 2.700 метри покрај статуите на сфингите и статуите со глава на овен.
Статуите и храмовите беа во центарот на големите реставраторски работи.
Со векови, рутата со статуи била покриена со песок.
Првата статуа е ископана во 1949 година, изјави египетскиот министер за туризам и антиквитети, Калед ал Енани на церемонијата одржана во храмот во Луксор. Додаде дека оттогаш се ископани третина од оригиналните статуи и дека ќе продолжи да се бара повеќе.
Египет се обидува да го оживее својот пропаднат туризам.
Во април, властите организираа поворка од 22 антички кралски мумии кои беа пренесени од Египетскиот музеј на иконскиот плоштад Тахрир во новиот музеј во Каиро во историската област Ал-Фустат.
Египетскиот туризам е погоден од последиците од бунтот против долгогодишниот владетел Хосни Мубарак во 2011 година, како и од глобалната пандемија.