Калиопи во Белград, кај Лука!
Сонувам ! – беше првиот збор на Лука Стојчевиќ, учесник во емисијата „Јас имам Талент“. Ова го изговори кога пред домот ја виде пејачката Калиопи Букле, која во Белград беше специјално за средбата со Лука.
Малиот Лука, кој ја освои публиката со гласот и со изведбата на „Црно и Бело“, евровизиската песна на Калиопи, на жирито во емисијата „Јас имам талент“ му рече дека учествува за да ја запознае Калиопи а не да победи. Ова дванаесет годишно момче со неверојатен глас и талент го освои жирито а веднаш потоа Калиопи му ја оствари најголемата желба. Таа отпатува во Белград и ненајавена се појави пред домот на Лука. И не се знае кој беше по возбуден нашата дива или малиот Лука.
„По прикажувањето на емисијата во која се појави Лука, ме повикаа од мојата продукциска куќа во Загреб, не е случајно што ние двајца сега сме заедно. Претходните неколку дена бев на пат, но секој ден мислев на средбата со Лука“, рече Калиопи, која во Белград беше само на еден ден за да го оствари сонот на нејзиниот фан.
Калиопи во домот на Лука се чувствуваше како во своја куќа. Тие заедно се смееја, пееја, разговараа и се забавуваа.
„Се чувствувам како да сум кај мои роднини“, додаде Калиопи
„Ова е најсреќниот ден во мојот живот“, рече Лука, кој не ја тргна насмевката од лицето и не се одвои од пејачката.
„Не можев да им поверувам на своите очи кога ја видов Калиопи. Неможев ништо да и речам, само ја прегрнав. Средбата со неа е еден од најубавите моменти во мојот живот“, додаде Лука, кој на шоуто се пријави со цел да ја запознае Калиопи.
Нашата поп ѕвезда, секогаш полна со изненадувања, на Лука му приреди уште едно, го покани да биде специјален гостин на нејзиниот прв голем концерт во Сава центарот во Белград, во март наредната година.
Погледнете го настапот на Лука во шоуто „Јас имам талент“:
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=ZVNxVBMdR_s{/youtube}
