НАСА избра место за слетување на роверот „Вајпер“ на Месечината
Американската вселенска агенција НАСА објави дека во 2023 година има намера да го испрати роверот „Вајпер“ на Месечината, кој ќе бара замрзната вода во областа на јужниот пол на Месечината, познат како кратер Nobile.
НАСА избра локација во близина на западниот раб на кратерот со широчина од 73 километри, кој е речиси целосно во темнина.
-Nobile е значаен кратер во близина на Јужниот Пол и настана во судир со друго помало небесно тело, изјави за новинарите Лори Глејз, директор на Одделот за планетарни науки на НАСА.
Тоа е една од најстудените области на Сончевиот систем и досега е истражена само од далечина со помош на сензори.
-Роверот ќе се доближи до тлото на Месечината, дури и ќе направи дупчење малку подалеку, рече Глејзер.
Димензиите на роверот се слични на димензиите на количка за голф – 1,5 x 1,5 m x 2,5 m. „Вајпер“ донекаде наликува на дроидите од „Војна на Sвездите“. Тежи околу 430 килограми.
За разлика од роверите што се користат на Марс, „Вајпер“ може да се управува во скоро реално време бидејќи растојанието од Земјата е многу помало – само околу 300.000 километри или 1,3 светлосни секунди.
Овој ровер е исто така побрз и достигнува брзина од 0,8 км / ч.
Роверот со соларна енергија има батерија од 50 часа, дизајнирана да издржи екстремни температури и да се движи странично, како рак, така што неговите панели секогаш се свртени кон Сонцето за полнење.
Научната цел на мисијата е да открие, со помош на „Вајпер“, како замрзнатата вода стигнала до Месечината на прво место, како била зачувана таму милијарди години и каде оди сега.
Мисијата „Вајпер“ е дел од „Артемида“, планот на САД да ги врати луѓето на Месечината и да ја истражи нејзината површина. Вселенската агенција се надева дека роботот ќе го потврди присуството на замрзната вода веднаш под површината, која еден ден би можела да се претвори во ракетно гориво за мисии на Марс и понатаму во вселената и да се искористи за добивање вода за пиење.
НАСА планира да испрати астронаути на површината на Месечината во текот на оваа деценија. Како дел од програмата „Артемида“, првата жена ќе отпатува на Месечината, како и првата личност со темна кожа. Оваа мисија треба да го отвори патот за долгорочно присуство на луѓе на единствениот природен сателит на Земјата.
Менаџерот на проектната мисија, Даниел Ендрјус од Истражувачкиот центар „Амерс“ на НАСА во Калифорнија рече дека тоа ќе им помогне на научниците да разберат колку е лесно или комплицирано луѓето да стигнат до мразот на површината на Месечината.
-Ако има многу ресурси и доколку се достапни, тоа ќе ја промени природата на одржливоста на луѓето на Месечината и ќе ни помогне да разбереме како да ги добиеме тие ресурси, објасни Ендрјус.