Успешно се спроведува проектот за грижа на стари лица во Велес, Скопје и Крива Паланка

Објавено: 10 мај, 2016, во 10:19 часот

Шеесетина стари лица од Велес секојдневно добиваат помош од медицински лица и волонтери на Црвен крст. По еден час дневно волонтерите се грижат за потребите на овие луѓе, им купуваат храна, им препишуваат лекови кај матичниот лекар, се дружат со нив и на тој начин им го олеснуваат животот. Медицинските сестри пак се задолжени да водат грижа за нивното здравје. И така цели пет години колку што трае проектот за грижа на стари лица, овие велешани се среќни што постои некој кој се грижи за нив.

„Самото тоа што проектот се имплементира веќе пет години покажува дека има одлични резултати. Луѓето со нетрпение не очекуваат да отидеме кај нив и да им помогнеме, дури и само да поразговараме со нив за време на тој еден час тие се презадоволни. Сега според проектот сме ограничени на овие 60 стари лица но се надевам во иднина ќе бидат опфатени уште повеќе, затоа што реално навистина има потреба да се зголеми бројот на корисници на овие услуги„, рече заменик координаторот на проектот Анѓел Јорданов.

Работните тимови на општинските организации на Црвен крст од Велес, Скопје и Крива Паланка денеска во просториите на општинската организација во Велес разменија искуства и позитивни практики од спроведувањето на проектот во овие општини. Тие се задоволни од досегашните резилтати на проектот.

„На почетокот почнавме со две медицински сестри на територија на пет општини во град Скопје. Денес можеме да се пофалиме со шест медицински сестри и осум општини на градот. На почетокот од проектот почнавме со поголем број на волонтери но сега ги намаливме затоа што сакавме да постигнеме квалитет а не квантитет. Корисниците на нашите услуги, ги има околу 155, најпрво беа скептични затоа што не им се веруваше дека некој тоа може да го прави за нив бесплатно. Но како одминуваше времето, ги препознаа нашите вистински намери и сега има уште поголема побарувачка на нашите услуги“, рече координаторот на проектот во Скопје, Александра Боева.

Проектот за грижа на стари лица е финансиран од австрискиот Црвен крст. Од општинските организации на Црвен крст во државата се надеваат дека со уште поголем интензитет ќе продолжи да се спроведува и во наредните години./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.