Свечена заклетва на 29 генерација доброволци во АРМ

Објавено: 8 јули, 2016, во 09:33 часот

Шеесет и осум доброволци од дваесет и деветата генерација денеска положија свечена заклетва во велешката касарна „Алексо Демниевски Бауман“. Доброволците од кои пет се девојки во наредните три месеци под водство на инструктори од Центарот за обука ќе се запознаат со основите на воената обука која опфаќа теоретски и практичен дел.

„Се пријавив на обуката затоа што сакам да продолжам понатаму во професионалните војници. Уште од мал имав желба да станам војник затоа што се восхитував на редот и дисциплината која владее во армијата. Затоа сакам да продолжам и професионално да се вработам во редовите на армијата и да се вработам“, рече војник Тони Кузмановски од Кратово.

„Се пријавив на обуката заради желбата што ја имам од мала да бидам во униформа и денеска мојата желба ми се исполни и еве застанав како војник. По завршување на факултетот сакам да се вработам во АРМ и да бидам дел од неа“, рече Валентина Попочоска од Берово.

Свечената заклетва на војниците им ја честита заменик министерот за одбрана Беким Масути. Тој истакна дека предизвикот на војничката професија е силен мотивирачки фактор за многу млади граѓани.

„Денес е посебен ден за вас, Служењето во армијата на Република Македонија е најдобар доказ за вашата зрелост да носите сами одлуки, доказ за вербата која ја имате во највисоките човечки вредности. Со заклетвата вие се обврзувате да го чувате и браните уставниот поредок и територијалниот интегритет и суверенитет на државата и да му служите на народот“, рече Масути.

Шеесет и осумтте доброволни војници ги поздрави и полковник Љупчо Костов, командант на Командата за обука во велешката касарна. Тој потсети дека во Центарот за обука досега поминале илјадници доброволни војници од кои голем дел од нив за своја идна професија ја одбрале токму војничката.

Даниела Саздова

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.