„Сомнително лице“ пред Неготинци!
Објавено: 22 февруари, 2013, во 14:18 часот
Во режија на Павле Трпков, премиерно претставата ја изведоа актерите на Центарот за култура Ацо Ѓорчев и до солзи ја насмеаја публиката желна за културни случувања.
Не потекоа само солзи од очите на љубителите на театарот, синоќа, во Неготино.
Сатирата не беше единственото нешто кое ќе остане во меморијата на посетителите во преполната сала на Центарот за култура во Неготино.
Книжевното дело на Нушиќ преточено во дијалози кои ги говореа актерите го отвори и прашањето на предрасудите кои тлеат некаде длабоко во човечката душа особено кога таа е вљубена.
Токму на овa ја гради преставата „Сомнително лице“, режисерот Трпков.
„Љубовта ги победува предрасудите, тоа го содржат делата на Нушиќ, омилено класично четиво за љубителите на книгата,“ рече Павле Трпков.
Критиките за претставата од страна на публиката беа позитивни а и присуството на бројните гости покажа дека неготинската публика умее да ја цени и почитува уметноста.
Трудот кои го вложиле членовите на театарот Ацо Ѓорчев заедно режисерот ќе остане во долго сеќавање и ќе биде сатисфакција за нови претстави.

Во драмата на комичен начин беа прикажани термитите кои редовно и секојдневно ги јадат темелите на општеството и едноставно самата иднина на младиот човек.
Мрзливи и неспособни чиновници кои своите одлики ги добиваат со сушење и чување на чорапите и долната облека во фасциклите наменети за „важни случаи“, жедно посакуваат поголем углед и повисока функција.
Во сево ова за да си го потполнат времето подметнуваат игли и клинци на столовите еден на друг, некои пак во алкохолизирана состојба доаѓаат да ја извршуваат својата должност.
Публиката во салата на Центарот за култура имаше можност да ужива во прекрасната изведба на претставата.
Актерите добија заслужен аплауз како доказ за одлично одиграните улоги./Б.Н.Т
