Македонија е расадник на музички таленти!
Објавено: 19 мај, 2013, во 15:40 часот
Неверојатно убаво прозвучи денеска руската народна песна „Подмосковски вечери“ од армониките на петмината млади музичари од составот Дурдмов. Уште поатрактивни беа звуците кои се разлеаја низ салата „Бели мугри“ кога тие ја свиреа композицијата „Bibbidi – bobbidi -boo“. Го заслужија аплаузот со кој ги награди публиката и можеби требаше да трае уште подолго бидејќи момчињата кои свиреа беа виртуози без разлика што на републичкиот натпревар на детски и младински оркестри дојдоа од Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „ Димитар Влахов“ од Скопје.
Двојно поголеми музички инструменти, контрабас и труба, или двојно потешки армоники од учениците беа обележје на денешната музичка манифестација која потврди дека во Македонија има голем број на мали таленти.
Еден од нив беше и деветгодишниот Керем Ибраимов од Штип кој одлично музицираше во дувачкиот оркестар на ОУ „Гоце Делчев“ од Штип. Тој потекнува од познато штипско семејство виртуози на плех музички инструменти. Керем почнал да свири на труба пред две години и секојдневно вежба по два часа со останатите соученици во оркестарот. Сега двојно повеќе ќе вежба бидејќи сака да биде професионален трубач.

„Малку е тешко да се научи да се свири труба но само на почеток. Треба добро да ја стегнеш устата кога дуваш откако се полнат плуќата со воздух. И треба да ја совладаш добро техниката трилер, кога со прстите се типка на затворачите на звук што ги има трубата,“ рече Керим. Неговиот професор Васил Докузов беше задоволен од настапот на сите ученици во оркестарот и рече дека Штип е расадник на млади талентирани ученици на кои треба само да им се посвети малку повеќе време, да се обезбеди простор и музички инструменти.
Тоа е и целта на денешната манифестација рекоа организаторите во Велес. Токму овој натпревар може да поттикне стотици деца од различни градови во државата цела една година на музиката да го посветат своето слободно време. За да се дојде на натпреварот треба континуирано да се вежба, секој ден, во учебната година.

„Музиката е чудна работа, ги привлекува луѓето од мали нозе. Овие ученици денеска направија невиден спој меѓу младите и возрасните. Се натпреваруваат на вториот републички натпревар на детски и младински оркестри, кој се одржува во Велес, но она што е уште позначајно е што покажаа дека иако штотуку почнале да музицираат меѓу нив има голем број на мали виртуози,“ рече професорот по музика Гоце Алексов кој е претседател на организациониот одбор на музичката манифестација.
На денешниот натпревар во Велес дојдоа вкупно 900 ученици од 29 основни и пет средни училишта во Македонија. Пред жири комисијата сите се трудеа да отсвират најдобро што можат затоа што секој детски или младински оркестар ги посакуваше наградите.

„ Но доколку и без нив се вратат во својот роден град треба да знаат дека наградите се неколку а тие се 900 што го носат епитетот – македонски музички надежи,“ рече професорот по музика Кире Унев. /Б.Н



