Владика Тимотеј: Нека повелат нека го уриваат манастирскиот комплекс – притисокот е поради Субрата Рој
Објавено: 21 февруари, 2014, во 08:42 часот
Владиката Тимотеј не знаел, но и не е изненаден од најавите дека општина Охрид донела решенија за уривање на според нив нелегални објекти во манастирскиот комплекс Свет Наум.
– Нека повелат и нека го урнат манастирот ! Толку дивоградби има насекаде, цели градови се дивоградби, толку џамии има дивоградби, а сега ако дошло ред да се урива во манастирот, што да кажам друго . Нека повелат нека уриваат! – изјавил владиката Тимотеј за Охрид1.
Прашан дали сето ова има врска со неговите изјави контра плановите за градба на Субрата Рој, Тимотеј со потврден одговор.
– Да ! Претпоставувам дека е тој, инаку кој друг би го правел ова !- рекол Тимотеј.
Тој изјавил дека до него лично од општина Охрид не стигнал никаков документ поврзан со градбите во манастирот.
– Јас немам примено ништо и јас не сум поштар па да се интересирам за поштата. Дали нешто дошло до службите не сум запознаен – дециден е Тимотеј.
Општинските власти информираа дека официјално донеле решенија за уривање на според нив, нелегални објекти во комплексот Свети Наум.
Инаку точно е дека од неодамна започна реконструкција на комплексот Свети Наум каде се поставуваа типизирани објекти за продажба, се градат фонтани, а изградена е и влезна порта.
Исто така точно е и ека односите меѓу владиката Тимотеј и властите во Скопје по се изгледа се крајно влошени, а овие најнови дејствија кон Дебарско кичевската епархија се показател дека тие кулминираат, велат упатените.
Најпрво владиката за Дојче Веле кажа дека нема намера да даде ни една педа земја од комплексот, на Субрата Рој па и да плати по 1 милион евра за квадрат. Потоа владиката не се појави на фрлањето на крстот за Водици во Охрид на ист брод со премиерот Никола Груевски ( со образложение дека се варди од грип ) , за последно пред една седмица да изјави дека секој ден ќе коли по една крава пред портите на Субрата Рој, ако тој го изгради комплексот.
