„Невестинско поклонение на Св.Теодор Тирон “ во Крива Паланка

Објавено: 10 март, 2014, во 13:41 часот

 

Неделата по христијанскиот празник Тодорова сабота во кривопаланечкото село Конопница петта година по ред ја донесе возобновената народно-црковна манифестација „Невестинско поклонение“, бренд на Крива Паланка, која во дворот на православниот храм во селото Конопница, повторно собра стотици мештани, но и гости од републикава и од странство.

Одговорните уште еднаш подготвија интересна програма за одбележувањето на денот на „Св. Теодор Тирон“. Темелите на традициите кои датираат од 50-те години на минатиот век, послужија како основа по многу децении општината да го воскресне овој убав настан, кој овој пат го имаше своето 5-то издание.

Преданието вели дека сите девојки кои ќе се омажат меѓу две Тодорици, во невестинска, меѓутоа народна традиционална носија и со нивната свекрва, да му се поклонат на светителот за од него да се благословени со здрав пород. Ова го сторија десетици млади девојки и мајките на сопрузите, а по 5 снаи и свекрви учествуваа на манифестацијата со нивното учество оваа година.Тоа претставува дел од автентичното прославување на Тодорица, кој е празник на селото Конопница, но и веќе препознатлив туристички бисер на ова место.

Градоначалникот Арсенчо Алексовски нагласи дека локалната самоуправа го актуелизира овој значаен празник.

– Целта на манифестацијата е возобновениот обичај на традиционалното поклонување на невестите да се пренесе на идните поколенија. Радува фактот што се повеќе невести пројавуваат интерес заедно со свекрвите да учествуваат во манифестацијата, облекувајќи ги и заживувајќи ги традиционалните носии карактеристични за нивниот крај, кои ги носеле нивните мајки и баби-изјави градоначалникот на Крива Паланка , Арсенчо Алексовски.

На овој ден во  минатото сите нововенчани млади невести од околината кои стапиле во брак помеѓу „двете Тодорици“, заедно со своите свекрви доаѓааа да се поклонат пред светецот Теодор Тирон, заштитник на младите и породот, да се помолат за челад и благосостојба на семејството, па среќен сум што овој обичај повторно ги навраќа младите кон корените и традицијата – рече архиерејскиот намесник на МПЦ, Прота ставрофор Добрислав Бошковски.

Покрај централната манифестација, како придружни активности се одржаа и изборот на највкусен посен зелник и најубава домашна ракија,а наскоро, како што информираа од локалната самоуправа на Крива Паланка, ќе биде распишан и вториот по ред конкурс за карикатури на тема „Снаа-свекрва“, инспириран од „Невестинското поклонение“./ Б.Н.Т

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.