Актор тврди дека работи законски
Објавено: 14 март, 2014, во 16:39 часот
Откако Јавното обвинителство покрена преткривична постапка за две фирми поврзани со случајот Актор, денеска се огласи грчката компанија Актор која е главен изведувач на делницата Демир Капија – Смоквица. Од компанијата тврдат дека сите активности и финансиските трансакции поврзани со изградбата на делницата како дел од Паневропскиот коридор 10, се одвиваат согласно меѓународните и локалните закони и регулативи.
„Ова значи дека секоја трансакција, вклучувајќи ги платите и надоместоците на вработените луѓе од Грција се покриени со договори и фактури, сите даноци се пресметани и платени и конечно сите плаќања се извршени преку банкарскиот систем согласно Законот, се наведува во соопштението. Компанијата како неосновани и неоправдани ги оценува сите објави во јавноста во врска со проектот“, стои во соопштението од грчката фирма Актор.
Вчера обвинителството ги блокираше сметките и имотот на две компании поврзани со случајот Актор.
Во меѓувреме на терен, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески изјави дека надлежните ја следат состојбата и дека нема застој во реализацијата на проектот.
Опозициската СДСМ денеска праша дали за случајот Актор, освен Управата за финансиско разузнавање биле запознати и другите надлежни институции како што се Народната банка на Македонија, Финансиската полиција, државниот девизен инспекторат и секторот за организиран криминал во Министерството за внатрешни работи?
Од друга страна еден од финансиерите на проектот Европската инвестициска банка најави дека ќе се вклучи во истрагата за наводна измама и корупција во аферата „Актор“. За дел од медиумите од Банката изјавиле дека ги пријавила наводите за корупција и измама во Генералниот инспекторат на ЕИБ кое врши ревизија на сите проекти финансирани од оваа банка.
Од Европската за обнова и развој која исто така е еден од финансиерите на проектот, пред неколку дена изјавија дека немаат коментар за случајот, додека од Европската комисија во Скопје, изјавија прашањето за движењето на парите во државата е прашање што ги засега националните власти.
