ГРЕКО: Корупцијата се уште главен проблем во Македонија
Објавено: 17 март, 2014, во 16:59 часот
Корупцијата, заедно со невработеноста во Македонија, се уште се најголемите проблеми со кои се соочува земјата, јави Телма. Парламентот и политичките партии се на листата на институции на кои најмалку им се верува во Македонија, пишува во извештајот на телото за борба со корупција на Советот на Европа, ГРЕКО, направен за анализата на евробарометар на европската комисија. 78 отсто од испитаниците не им веруваат на политичките партии, а 69 проценти немаат доверба во парламентот.
Членовите на парламентот поднесуваат анкетен лист, но постојат сомневања дали тој лист се менува ако има измени во имотната состојбa:
„Набљудувањето на овој процес мора да се подобри со цел анкетниот лист секогаш да биде ажуриран. Како на носителите на функции, така и на членови на нивното семејство, препорачува ГРЕКО. Мора одблиску да се надгледува и давањето и примањето подароци. Според закон, пратениците не смеат да прифатат подарок што е поскап од 200 евра, и тој не смее да биде во пари или услуги, туку може да биде книга, сувенир или слично. Не постои култура на интегритет, што придонесува за негативниот имиџ на пратениците“.
Платите на пратениците се одредуваат по коефициент според закон, така што просечната пратеничка плата во 2012 година за еден пратеник изнезува 78,171 илјада денари или 1277 евра. Пратениците добиваат и дневници за патување надвор од Скопје, средства за плаќање живеалиште под кирија, ако доаѓаат од изборните единици надвор од територијата на земјата. Затоа ГРЕКО препорачува да се донесе единствен код на етички принципи и правила за пратениците, лесно достапен до јавноста со основните објаснувања за стандардите за должностите и обврските на пратениицте:
„Антикорупциската комисија нема иницирано процедури за казнување на државни службеници и функционери кои не поднеле изјава за имотна состојба. Затоа како препорака во оваа насока, една од приоритетните работи е да се направи единствен регистар на избрани и именувани функционери, за да се знае колку пратеници, колку судии и обвинители мораат да поднесат изјава за имотната состојба, која треба да подлежи на верификација секоја година“.
Јавноста исто така нема доверба во судиите, што се должи на долгото траење на случаите, недостаток од практика на односи со јавност на судовите , како и постојаниот проблем со корупцијата. Од 2013 година судиите во основните судови можат да се избираат само од Академијата на судии, но според ГРЕКО, ова не се почитува, па се уште има судии кои се избираат од судски совети, додека судии од академијата чекаат за работно место.
