Договорено интензивирање на преговорите за името

Објавено: 27 март, 2014, во 08:04 часот

Двете страни во спорот со името, Грција и Македонија, се согласија да ги интензивираат преговорите, соопшти медијаторот Метју Нимиц  по неговата средба со преговачарите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис  во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Како што пренесе Телма, на средбата што траеше два часа, не бил постигнат никаков напредок, но Нимиц  очекува тоа евентуално да се случи по одржувањето на изборите во двете земји. Тој следната рунда преговори ја најави веќе во мај.

-Разговаравме да организираме нова ваква средба во мај. Предложив да го посетам регионот подоцна по одржување на изборите и објавување на резултатите. Свесен сум дека се во тек избори и избегнувам ситуација која би можела да го влоши проблемот, изјави Нимиц.

По претседателските и парламентарните избори во Македонија,  во Грција  ќе се одржат локални и избори за Европскиот парламент закажани за 25 мај. Тоа значи дека Нимиц ќе се сретне во мај во Њујорк повторно со преговарачите Јолевски и Василакис, а веднаш по изборите во Грција ќе ги посети Скопје и Атина.

Овој план на Нимиц се совпаѓа со тајмингот на министерскиот состанок на земјите членки на НАТО закажан за јуни на кој треба да се донесе одлука дали на самитот на Алијансата наесен на дневен ред ќе биде ставено и проширувањето.

Во меѓувреме се обновија повиците за изнаоѓање решение на спорот со името. А тоа го потврди денеска и Нимиц и рече дека Германија е  меѓу земјите кои се сериозно заинтересирани, откако за тоа лани разговараше се кацеларката Ангела Меркел. Нимиц не потврди дали е уште на маса неговиот предлог Горна Македонија, иако  на неговата последна посета на регионот изјави дека ќорсокакот во преговорите не е заради одредницата горна туку дали да  биде пред или после зборот Република, како и заради опсегот на употреба бидејќи  Грција и натаму инсистира на ерга омнес, јави Телма.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.