Нимиц најавува нов предлог за Скопје пишува грчка „Прото Тема“
Објавено: 27 март, 2014, во 09:34 часот
Грчкиот весник „Прото Тема“ пишува дека медијаторот за спорот со името, Метју Нимиц имал нов предлог за Скопје, осврнувајќи се на вчерашната рунда преговори за името на Македонија во Њујорк, известува МИА.
Многумина ќе речат дека ова е испробан и често користен рецепт од страна на американскиот медијатор Метју Нимиц: за 22 години, колку што трае неизвесноста меѓу Грција и Скопје за прашањето за името на соседната земја, кога преговорите „стагнираат“ Нимиц се повикува на претстојните избори во Грција или Македонија, за да го оправда фактот дека во преговорите помеѓу двете земји нема напредок, пишува грчкиот весник „Прото Тема“.
„Понекогаш вистинска и понекогаш привидна, оваа тактика во голем степен е одговорна за фактот дека не постојат резултати, кои можат да доведат до прекинување на неизвесноста. Вистина е дека во минатото, за време на владата на Симитис и со Јоргос Папандреу во Министерството за надворешни работи, двете влади се согласиле за формула за решение и постигнале договор за името, но тоа никогаш не отишло понатаму поради изборите кои доведоа до смена на владата во Грција“, пишува весникот.
„Прото тема“ и овој пат не пропушта да ги обвини македонските власти и заклучува дека „итриот“ американски адвокат ги користи изборите како оправдување за фактот што нема напредок, „главно поради неподготвеноста на македонскиот премиер Никола Груевски да се повлече од својот бескомпромисен став“.
Другите грчки медиуми, воглавно без коментар ја пренесуваат веста на државната новинска агенција АНА-МПА за средбата на Нимиц со двајцата амбасадори во Њујорк, нарекувајќи ја „неплодна“.
Медиумите исто така ја пренесуваат и изјавата на грчкиот амбасадор Василакис кој за АНА-МПА, рекол: ја искористивме можноста да се види каде сме. Тој исто така повторил дека неодамна се сретна и со генералниот секретар на ОН и Нимиц, кого го информираше за посетата на министерот за надворешни работи Венизелос на Скопје.
