Се одбележува меѓународниот ден на Ромите

Објавено: 8 април, 2014, во 08:10 часот

Во Македонија и во светот денеска се одбележува 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, народ од индоеврпоско потекло од областа Пенџаб кој нема матична држава и е раселен насекаде низ светот.

На овој датум во 1971 година во Лондон почна Првиот конгрес на Ромите кој траеше до 11 април. По тој повод Организацијата на обединетите нации го прогласи за Светски ден на Ромите.

Во светот има  12 милиони Роми, иако според некои тврдења тој број е само за Европа. Ги има низ сите европски држави и во Америка. Најмногу  се населени во Турција, околу пет милиони, по што следат Романија и Шпанија со по 1,5 милиони,  Унгарија со еден милион, Бугарија со 700.000…

Во Македонија Ромите се една од малцинските етнички групи.  Според пописот од 2002 година, во Македонија живеат околу 53.879 Роми или 2,66 отсто од вкупното население. Општина Шуто Оризари е единствената општина во светот каде мнозинството се Роми, а воедно и единствена општина во светот каде ромскиот е официјален јазик, покрај македонскиот. Исто така, со Уставот од 2001 година, Ромите во Република Македонја се признати како народ единствено во светот.

Ромите се претежно населени во градовите и дури 95 отсто од македонските Роми живеат во градските средини.

Првите доселувања на Роми на територијата на Македонија се забележуваат во 14. век. Нивното главно доселување е за времето на турските освојувања на Македонија кон крајот на 14. и почетокот на 15. век, кога тие работеле како слуги на турските генерали и големци.

Постои теорија и дека Ромите се доселени во Македонија уште од времето на Александар Македонски бидејќи работеле како негови ковачи при негвото освојување на Египет. Оваа теорија ја застапуваат дел од Ромите кои себеси се нарекуваат Египќани или Еѓупци и се сметаат за посебна етничка група од Ромите.

По религија огромното мнозинство од Ромите се муслимани, но постои и мал број Роми со христијанска вероисповед, кои се познати под името Масарманги или Масрманговци, и живеат во неколку градови од источна и југоисточна Македонија.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.