Без големи последици помина критичниот бран на вода во Вардар, кај Велес
Објавено: 25 јануари, 2015, во 13:11 часот
Вардар, синоќа околу 18 часот се излеа кај градините на семејството Караколеви, во велешката населба Речани, а неколку часа претходно водата влезе и во две куќи до мостот кај Башино Село. Ова е епилогот на ситуацијата што се создаде вчеравечер во најкритичниот момент со најголем прилив на вода во реката, кај Велес. Сопствениците на градини, викендици, куќи и фарми се одзваа на апелите на Дирекцијата за управување со кризи и на општина Велес. Постојано, од вчера попладне до утрово, беа присутни на имототе што беа посочени како најкритични можни места на кои се очекува излевање на реката од коритото, велат денеска од Дирекцијата.

Водостојот на Вардар вчеравечер беше на најкритичната точка. Таа се излеа и во центарот на градот, поточно кај Мало мовче каде целосно го поплави долниот дел на кејот. Од Дирекцијата за управување со кризи велат состојбата со водостојот полека се нормализира и се очекува водата да се повлекува. Уверуваат дека нема повеќе опасност од нов бран на покачување на нивото и излевање на водата од речното корито.
Надојдениот Вардар вчеравечер донесе купишта гранки и дрвја кои се закачија на столбовите на Башиноселскиот мост. Екипи ангажирани од локалната самоуправа континуирано ги расчистуваа, бидејќи претставуваат опасност по мостот. Денеска слична ситуација имало и на новиот мост кај Ногаевци. На една од раклите на мостот биле закачени големи гранки од дрвја што ги донел надојдениот Вардар. Моментално екипи на Дирекцијата со багер ги расчистуваат гранките од столбовите на овој поголем мостот по течението на Вардар./Д.С




