Велешки урбани легенди: Богдан Џуклев беше и д-р Џуклев

Објавено: 25 јануари, 2015, во 14:46 часот

Богдан Џуклев, познат меѓу велешани по прекарот Џуклето, е само еден од повеќемината велешани кои со својот ведар дух и способност за хумор, си обезбеди место меѓу урбаните градски легенди. Вредниот мајстор – молер, со децении беше присутен во домовите на велешани а ги бојадисуваше и градските институции. Таму каде Џуклето, во шеесетите, седумдесеттите и осумдесетите години, влегуваше секогаш се создаваа бројни шеговити ситуации. Тој се мајтапеше со секого, со лекари, директори, функционери, занаетчии и обични граѓани. Нему никој не му се налути, никој не му забележа и никој не се почувствува исмеан туку напротив повеќемина велешани до ден денес велат дека биле почестени што се дел од спомените во кој се раскажуваат мајтапите на мајстор Џукле со велешани.

Во еден мајтап мајстор Џукле беше лекар во градската болница.

(Слика од семејниот албум на Џуклеви: мајстор Џуклев, е човекот покрај молерските скали и пумпа боја)

Како што секому може да се случи така и мајстор Џукле се разболел и се нашол во градската болница. Таму останал повеќе денови. Кога се почуствувал добро почнал да шета од една до друга соба. Шетајќи низ ходниците, се поздравувал и отпоздравувал со поголем број на сограѓани. Џукле како Џукле не знаел да мирува, а да не направи некоја ујдурма. Во еден момент забележал како на клупата во чекалната седи човек, за кој веднаш по говорот проценил дека е од селото Горно Јаболчиште. „Е со овој може добар мајтап да направам“, си рекол Џукле.

Отишол во дежурната лекарска соба и од закачалката зел еден лекарски мантил, го облекол, се стокмил и излегол во ходникот. Му се приближил на човекот што седел и чекал за преглед по што го прашал: .

„Што чекате?“

Човекот видел лекар пред себе и одговорил:

„Го чекам лекарот. Ми рекоа тука да чекам. Треба инјекција да ми пушти. Половината ме боли“, одговорил човекот.

На мајстор Џукле веднаш му светнала идеја, па одговорил:

„Добро. Јас сум доктор Џуклев. Дојдете во собата за прегледи.“

Го внел човекот, му кажал да легне на креветот за прегледи и да се соблече од половина надолу. Го загледал добро па му рекол:

„ Бидејќи тие инјекции се специјални  треба местото добро да омекне. Сега ќе донесеме леген со жешка вода а ти ќе клекнеш и ќе клечиш се додека местото не омекне за да ја пуштиме инјекцијата.,

Човекот се збунил но, бидејќи лекар во бел мантил му кажува, го послушал. Клекнал и клечел, а доктор Џуклев на излегување од собата за прегледи уште му порачал да не мрда многу се додека не дојде сестрата со инјекција.

Така било се додека во еден момент повторно не се отворила вратата од ординацијата и внатре влегол друг лекар кој кога се соочил со глетката веднаш го прашал човекот зошто клечи врз леген со врела вода:

„Што правиш бре човеку?“

А тој убеден дека претходниот лекар му дал корисен совет, искрено одговорил:

„Доктор Џуклев ми рече да клечам за да омекне местото каде што треба да ми пуштите инјекција.“

На вистинскиот лекар не му останало ништо друго освен човечки, гласно да се насмее и да го разубеди пациентот да стане од легенот над кој клечел.

„Абре Џукле уште каква удурма нема да измислиш“, искоментирал лекарот додека му помагал на пациентот.

За овој мајтап на „доктор“ Џукле брзо се расчу низ Велес, па и пошироко. Верувам дека и денес, доколклу е жив пациентот од Горно Јаболчиште, дека тој не  знае оти „доктор“ Џукле не бил вистински лекар и дека направил само мајтап со него.

Стоилко Андреевски

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.