Од сите страни стигнува помош за браќата Николовски
Објавено: 27 јануари, 2015, во 15:43 часот
Нови јакни,топли кебиња, по еден пакет со прехрамбени производи и со хигиенски сретства денеска во домот на Младен и Слободан Николовски донесоа волонтерите на Црвениот крст. Тие се интересираа за здравствената состојба на двете лица со посебни потреби, констатираа дека сеуште немаат електрична енергија, не им работат мини шпоретот и машината за перење алишта. Во стариот фрижидер и да е вклучен тој е претесен за да собере поголема количина храна, констатираа волонтерите на хуманитарната организација. Во скромниот дом на oвие сиромашни луѓе треба да се направат повеќе поправки на дограмата, подот, во малото купатило и на фасадата.
Денеска Младен и Слободан ги пречекаа гостите со видно поголем оптимизам и им раскажаа како од Македонски шуми, подружницата во Велес добиле два метри кубни дрва.
„Пријател дојдеда ни помогне, ги исековме и сега со него ќе ги цепиме. До вечер ќе го запалиме кумбето па ќе ни биде топла собата. Има и други луѓе што дојдоа и ни донесоа храна. Сега имаме со бато што да јадеме,“ им раскажуваше Младен на волонтерите.

Секретарот на велешкиот Црвен крст, Миле Маџаров вели дека ќе им помогнат и дополнително на двајцата браќа Николовски.
„Ќе ги вклучиме во проектот ПХВ и ќе добијат помош од повеќе наши волонтери, со апел ќе и се обратиме на нашата организација, на основните организации кои дополнително ќе можат да се вклучат со хуманитарна помош. Состојбата во која се наоѓаат овие две лица е навистина тешка и треба сите да помогнеме, институциите на државата и хумани граѓани,“ рече Маџаров.

Деновиве, во домот на Николовски, неколкумина граѓани донеле хуманитарна помош во храна. Свои доброволни прилози ветиле повеќе луѓе од неколку градови во државата. Се јавил донатор кои се понудил да плати за огрев за зимава. Соседите велат дека работите се поместиле од мртва точка а тоа внело малку надеж кај двајцата мажи.
„ Ако успееме да им пуштиме струја во домот, ќе нема проблем за храната која ја добиваат. Не е многу тоа што досега стигна но сепак треба да се стави во фрижидер. Сега во нашите фрижидери, во соседството, чуваме но подобро ќе биде да го вклучиме нивниот и кај нив дома се да стои. Пекара им донира леб и кифли, сега нема да мислиме барем за леб. Се јавија и други добронамерни луѓе. Како соседи на Младен и Слободан сакаме да им се заблагодариме на сите кои се одзваа на нашиот апел и помогнаа или ветија помош,“ рече соседката Драгица Бошкова.

Сега таа и уште неколку соседи им вадат документи на Младен и Слободан кои се потребни за започнување на постапка за добивање на наследна пензија. Татко им почина пред десетина години и одтогаш до денеска за нив никој не се грижи. Соседите испратија писма за помош и до општина Велес, ЈКП „Дервен“, шумско стопанство „Бабуна“ ,ќе испратат до ЕВН и до уште неколку други институции во државата. /Убавка Јаневска
