Откриен возачот кој вчера го прегази девојчето во Велес
Објавено: 29 јануари, 2015, во 11:21 часот
Дваесет и девет годишниот Е.М. од село Горно Оризари е човекот кој вчеравечер го прегази пет годишното дете од Горно Јаболчиште на регионалниот пат кај населбата Превалец. Несреќата се случила вчера дваесетина минути по дваесет часот, кога Е.М. возејќи со својот автомобил кон градот преминал на другата лента од коловозот и директно удрил во девојчето кое со мајка си чекало такси на левата страна од патот.

Веднаш по несреќата тој избегал, а девојчето со друго возило е пренесено во велешката болница, каде лекарите констатирале смрт. Човекот што го усмрти девојчето, полицијата го пронашла уште вечерта околу 23 часот во неговиот дом во Горно Оризари. Тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица.
„Утрово пронајден е и патничкиот автомобил марка Фолксваген голф со велешки регистарски ознаки, кој возачот го оставил на патот кон село Војница, општина Чашка“, рече портпаролот на СВР Велес Анита Стојковска.
Увид на местото на несреќата изврши јавен обвинител и екипа на СВР Велес, а телото на починатото дете е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина./Д.С


