Штипските студенти формираа официјален студентски пленум
Објавено: 18 февруари, 2015, во 13:39 часот
Официјален студентски пленум формираа и штипските студенти. На вчерашното заседание веќе се договориле како ќе делуваат иако како што изјавуваат имаат доза на страв. На Фејсбук страницата напишале дека Студентскиот пленум при УГД е организација од и за студентите, која ќе ги претставува студентските идеи, како „алтернатива на постојните студентски организации кои очајно си ја вршат работата“.
„Пленумот изразува солидарност со колегите од Пленумите во Скопје и Битола и најавува соработка кон остварување на заедничките цели – подобро високо образование за сите! “, стои на страницата.
Логото на страницата е заокружениот лик на македонскиот револуционер Гоце Делчев, по кој универзитетот го носи името.
„Гоце има свое автентично мислење, па моравме да го закуруживме“, напишаа студентите.
Стравот од одредени професори кои јасно ставиле на знаење дека се против активностите на двата Пленума, била причината што досега се колебале да им се придружат на Пленумците. Од друга страна, на УГД има професори, кои активно учествуваат на Професорскиот пленум, незадоволни од состојбата со високото образование, која ја опишуваат како „хаотична“. Според професорите, Професорскиот пленум интензивно работи и подготвува стратегија, која ќе ја претстави на утрешните преговори со МОН, УКИМ и Студентскиот пленум.
