Мозаикот на Епископската базилика во Стоби вратен на старото место
Објавено: 26 февруари, 2015, во 10:28 часот
Мозаикот на Епископската базилика во археолошкиот локалитет Стоби, во целиот свој раскош е вратен на своето место и е достапен за јавноста. Тој е еден од најстарите ранохристијански објекти во Македонија и потекнува од четвртиот век. По својата површина од 180 квадратни метри е еден од најголемите во државата. На неговата реставрација се работело 24 години и поради оштетувањето на некои делови мозаикот сега се простира на 150 квадратни метри.
„Нешто што е значајно за конзервацијата на мозаикот е тоа што е вратен на една челична подлога за да се заштити од влага. Под челичната конструкција можат да се видат остатоците од археологијата на овој дел. Мозаикот нуди нови научни сознанија за фазите на поставување. Досега беа познати две фази, сега се открива и трета. Тој е со геометриска и флорална декорација типична за 4-от век, рече министерката за култура Елизабета канческа Милевска.

Надлежните се надеваат дека со враќањето на мозаикот на старото место значително ќе се зголеми бројот на посетители на локалитетот. Само лани локалитетот го посетиле над 14 илјади домашни и странски туристи. Дополнителен сјај на просторот ќе му дадат и реставрираните фрески кои набргу треба да бидат вратени на ѕидовите, а се планира да се гради и кровна конструкција за заштита на мозаикот. Годинава ќе се продолжи и со реконструкција на амфитеатарот, кој ќе има капацитет да прими 4 илјади гледачи./Д.С
