Изложба „Портретирани сеќавања“ на Јана Манева Чупоска во Велес

Објавено: 28 февруари, 2015, во 08:32 часот

Користејќи ја црно белата фотографија и рачните изработки од конец, како инспирација на она што е заборавено но сепак задржано во колективната меморија, ликовниот уметник од Скопје Јана Манева Чупоска создава дела кои ја поврзуваат современоста со народната традиција. Таа излага во Ликовниот салон во Велес. Изложбата е составена од монохроматски цртежи изведени на хартиена подлошка и рачно изработени покривки за маса, фолклорни, рачни плетки популарно наречени миленца слетени во техника на рачна чипка.

Самиот цртеж е изведен на нестандардна сликарска хартиена подлошка и асоцира на традиционалните фолклорни форми на ракотворбите од ова поднебје.

 

“Секој детал е обмислен, накит, утритарни предмети кои се грижливо одбрани и ставени во одредена содржина. Предметите поставени во една атипична средина на затворениот или отворениот простор, заробени во минатото допирајќи ја сегашноста, одвоени од природниот амбиент и доведени до своја естетска реализација во контекст на знаци и симболи. Цртежите се портрети, семејсни фотографии вметнати во објекти таканаречени кутии во кои се заробени сликите како и во нашата меморија. При цртањето на ликовите кои се превземени од старите фотографии авторката не се труди да ја постигне автентичноста, до степен на реализмот или хиперреализмот и не се труди да постигне апсолутна репродукција на оригиналот туку избегнувајќи ги деталите предавајќи замаглени и по малку нејасни ликови како да сака да не врати во минатото,“ рече директорката на Народен музеј во Велес, Елица Николова.

На отворањето на изложбата уметничката Манева Чупоска изложбата ја нарече портретирано сеќавање на Велес и откри дека дел од својата младост поминала во овој град, во кој живеела нејзината тетка Доста, пријателките Вилма и Жаклина од маалото кај Маслодајна со кои во разговор минела часови седејќи на скалите од старата егејска зграда. Таа со жалење констатираше дека насекаде во светот рачните работи многу повеќе се вреднуваат и почитуваат отколку во државава.

„ Со концептот на изложбата сакам да одбележам еден период , втората половина на 19 век во градската мода и архитектурата, кога ваквиот тип на ентериерни решенија се многу значајни во делот на тоа што значи топол дом. Значи топол дом немало без вакви рачни ткаеници, плетеници и миленца кои ги работела нашата македонска жена. Апсолутно вредно. Гледано од современ аспект, како дизајн, мислам дека во други земји имаат многу поголем респект кон рачната изработка, далеку повеќе ја почитуваат ,додека, за жал кај нас изумира како техника,“ рече Манева Чупоска.

Таа учествувала на бројни групни изложби дома и во странство како и на повеќе меѓународни ликовни колонии. Дизајнирала повеќе модни ревии. Јана Манева Чупоска работи како декан и професор на Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ во Скопје. Ментор е на дипломски и магистерски студии. Автор е на повеќе научни трудови во меѓународни научни зборници од областа на ликовната уметност и дизајн.

Изложбата „Портретирани сеќавања“ е дел од програмата на манифестацијата „Велес град на култура 2015“. Неа љубителите на уметноста ќе можат да ја погледнат во наредните три седмици./У.Ј

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.