Во маркетите како „посни“ се продаваат и „мрсни“ производи
Објавено: 4 март, 2015, во 08:26 часот
За време на велигденските пости под ознака „посно“ на рафтовите во маркетите се нуди храна што содржи млеко, желатин од животинско потекло, свинска маст и други мрсни состојки. Граѓаните не го знаат тоа.
Според експертите, за посни производи се сметаат оние во кои млечните масти се заменети со растителни, но, токму тука е манипулацијата.
– Производите кои содржат казеин или сурутка (во прав) воопшто не се посни бидејќи потеклото на овие две компоненти е анимално. Точно дека од млекото се сепарира млечната маст и таа се заменува со растителна, но казеинот останува, и затоа производот не може и не треба да се декларира како растителен, уште помалку како посен. Слично е и со сурутката, објаснува за МИА доц. д-р Наташа Дуброва Матева од Институтот за сточарство.
Сурутката, нагласува Матева, е исклучително здрава, има висока хранлива вредност, ја забрзува дигестијата, ама е со животинско потекло.
Организацијата на потрошувачи (ОПМ) ја квалификува продажбата на наводно посни производи како нечесна пазарна пракса.
– И минатата година ова време, пред големите празници, реагиравме до Агенцијата за храна. Побаравме јасно да се разграничат растителните од животинските производи во маркетите, а посните да се повлечат ако содржат и најмалку состојки кои се „мрсни“, напоменува претседател на ОПМ Маријана Лончар.
ОПМ апелира потрошувачите повеќе да внимаваат при купувањето и секогаш да ги читаат декларациите.
Оние што постат треба да се информираат и за храната што ја консумираат во рестораните и сендвичарите, а се нуди како посна, имајќи предвид дека може да биде подготвена на места и во садови во кои се готват и продукти од животинско потекло.
