Премиерата на театарската претстава „Приказни од шестиот кат“ ја воодушеви велешката публика
Објавено: 6 март, 2015, во 10:36 часот
Со громогласен аплауз публиката вчеравечер ја награди премиерата на театарската претстава „Приказни од шестиот кат“. Актерите од велешкиот театар брилијираа на сцената. На мошне автентичен и професионален начин ги доловија расказите на писателот Драги Михајловски преточени во секојдневни случки од животот на границата помеѓу реалното и фикцијата. За режисерот на претставата Деан Дамјановски, очекувањата од премиерата се исполнети, бидејки како што вели не се сомневал во благодарноста и благородноста на велешката публика.
„Јас сум презадоволен од тоа како публиката ја прими претставата. За тоа секако се заслужни не само актерите туку и техничката екипа која максимално вложија напор таа да изгледа онака како што замисливме. Со оглед на тоа каква возбуда предизвика кај гледачите се надевам дека претставата ќе живее долго време“, рече Дамјановски.

Најголемо воодушевување кај публиката предизвика улогата на актерот Фаик Мефаиловски. Неговата маестрално одиграна улога без здив ја остави публиката во салата.
„Знаете како јас се чувствувам како новороденче. Сега почнува животот за мене во овој театар и се надевам дека ќе имам многу вакви улоги во многу претстави како би заживеал овој театар. Оваа претстава дефинитивно ќе се игра многу долго време“, рече Мефаиловски.

Околу два и пол часа публиката уживаше во расказите на американецот Ричард кој престојувал во Македонија и имал намера да ги смести во антологија на современиот македонски краток расказ. Ликот на странецот во Македонија кој на крај излегува губитник ја толкува актерот Васил Зафирчев.
„Ова е една од ретките претстави кои се правени во однос на тоа како странците не доживуваат нас, односно како еден странец ги доживува Македонците во Македонија. Тоа е интересно да се погледнеме од страна, како изгледаме во многу ситуации кои ни се нам животни и од кои излегува нашата социјална култура, традиција, табуа итн, рече Зафирчев. .

Инаку претставата „Приказни од шестиот кат е третата премиера од минатогодишната програма на велешкиот театар. Репризно ќе се одржи в сабота во 20 часот./Д.С.

