Промовирана стихозбирката „Погледи“ на пензионираниот професор Миле Андреевски

Објавено: 7 март, 2015, во 10:06 часот

Најуспешни литературни творби се оние во кои што читајки ги ќе се најдеш сам себе си. Можно е секој да напише стих, без да биде литерат по вокација и неговиот труд да биде вреден и да поседува уметнички квалитети. Вака накратко беше опишана стихозбирката „Погледи“ на пензионираниот професор по биологија и хемија, Миле Андреевски на промоцијата што во петокот вечер се случи во Пензионерскиот дом во Велес.

Авторот е потврда дека постојат и такви пишувачи, наративци кои во осмата деценија посегнуваат по перото и својот стиховен изблик го ставаат на хартија. Иако не се многубројни. Во стихозбирката „Погледи“ напишаните стихови говорат за природата, семејството, децата особено за љубовта кон внуците, кои очигледно се најголемата инспирација на авторот.

 

„Почитуваниот колега, неговите погледи, со децении ги таел, ги чувал во неговата меморија и за среќа одлучил да ги напише на хартија на прагот на осмата деценија од животот. Лично му се восхитувам на неговата храброст што успеал да си го раскаже животот во регионот во кој живеел и работел и сето тоа го претворил во стих. Лаички и аматерски ама храбро и отворено, реално и емотивно. Сега како наивец но зошто не во животот и како професионалец. Тој „пее“ во врзан стих што се однесува до римата но не и во однос на ритамот. Значи верификациските правила не му се целосно практикувани но тој како биолог и хемичар, по вокација, покажува успешна литературна дарба,“ рече промоторот м-р Веле Алексоски.

Во поезијата на Андреевски е опишана природата со сета нејзина убавина. Во стиховите она што остава посебен впечаток е што авторот покажува колку многу ги сака и почитува луѓето. Инаку стихозбирката „Погледи“ на Миле Андреевски тематски е поделена на четири дела за на крајот да содржи и над петстотини поговорки и неколку гатанки како плод на македонското народно творештво. Инспирација секако му биле македонските собирачи од 19 век и почетокот на 20 век, Марко Цепенков и литературните преродбеници.

„ Животот е лавиринт со многу правци. Сите ние поаѓаме во многу правци со цел на бескрајност. Стихозбирката ја започнав и завршив со песната посветена на мојот брат, лекар, затоа што сите ние ја играме неговата судбина. Повеќето сме напатени деца и сме врвеле по трнлив пат. Штом ги прочитате стиховите ќе разберете. Ја напишав мојата стихозбирка не за ловоров венец или за медал туку лично за своја душа и да оставам една семка, како тутен каменова пченица која и по две илјади години `рти,“ рече Андреевски.

 

Стихозбирката „Погледи“ на Миле Андреевски беше промовирана во Пензионерскиот дом во Велес. Пред присутните стихови на поетот читаше актерката Весна Димитрова Бобевски./У.Ј

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.