Великопосен концерт во соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“ (ФОТО)
Објавено: 22 март, 2015, во 09:08 часот
Во преубавиот сакрален објект на Повардарската епархија и едно од најубавите архитектонски дела на неимарот и градител Андреја Дамјанов, во саботата вечер, концерт на духовна музика одржаа Младинскиот црковен хор „Свети Кирил и Методиј“ од Велес и хорот „Света Злата Мегленска“ од Скопје. Великопосниот концерт се одржува втора година и се очекува да прерасне во традиција. На концертот беа изведени и две авторски дела на диригентката на Младинскиот хор на Повардарска епархија, Веселинка Маџарова.

Почитувачите на овој вид музички дела имаа можност еден час да уживаат во хорските изведби на делата „Иже Херувими“ од Александар Касталски, „Величанија Кирилу и Методију“ од Тодор Скаловски, „Да исправитсја молитва моја“ од Павел Честноков преку солистичката изведба на Елена Петрушева потоа „Ангел вопијаше“ од Петар Динев под диригенство на Веселинка Маџарова како и „Душе моја“ во солистичка изведба на Мики Миовски, терцетот за три сопрани „Да молчит свјакаја плот“ на солистите Вариса Ајдарпашиќ, Елена Петрушева и Ана Михајлова и „Алилуја“ од Линда Спевацек. Хорот ја изведе и композицијата „На реках Вавилонских“ под диригенство на Петре Штерјов.
„На наше големо задоволство, по втор пат се случува Великопосниот концерт и желба ни е да прерасне во традиција. Имаме поддршка од Повардарска епархија. Вечерва публиката премиерно ќе ги слушне двете авторски композиции на диригентката Веселинка Маџарова кои ќе ги диригирам јас како помлад диригент и тоа се композицијата „ Душе моја“, посветена на Владиката Агатангел и втората „На реках Вавилонсих“, посветена на хористите на хорот Свети Кирил и Методиј“, рече Штерјов.

Афирматорот на македонската хорска музика ширум светот, хорот „Света Злата Меглнска, под диригентство на Летка Димовска Полизова исто така изведе неколку познати композиции кои прозвучија велелепно во акустичниот простор на црковниот храм.
„По втор пат сме во овој преубав соборен храм и почестени сме затоа публиката ќе ги слушне најубавите хорски изведби на хористките на Злата Мегленска,“ рече Димовска Полизова.

Почестен што имаше можност да го отвори блажениот настан, Митрополитот Повардарски Господин Агатангел на присутните граѓани и верници од цела Повардарска епархија, во преполниот соборен храм им посака добредојде и изрази надеж дека Великопосниот концерт ќе прерасне во традиција.
„Благодарам на сите Вас кои одвоивте од вашето скапоцено време и дојдовте вашите души и вашите срца да ги исполните со духовна радост , да почувствувате колку е добар, колку е благ , колку не милува нашиот Господ Исус Христос колку љубовта негова допринесува да ја почувствуваме радоста во нашите срца и души. Таа вистинска радост можете да ја доживеете само во овој дом, домот на сите нас , домот на нашиот патрон Светиот Пантелејмон домот на оние кои вистински од длабочината на својата душа доаѓаат, се поклонуваат, му пејат на свевишниот спасител Господ Исус Христос,“ рече Владиката Агатангел.

Великопосниот концерт е настан што се реализира во рамки на манифестацијата „Велес град на култура 2015“ а финансиски го помогна Министерството за култура./У.Ј









