Пчели математичари
Објавено: 23 март, 2015, во 07:04 часот
Француската научничка Оро Аварже –Вебер од Научниот универзитет во Тулуз тврди дека пчелите се способни за апстрактно размислување.
И покрај фактот што главата не им е поголема од врв на шпенадла, пчелите имаат одличен вид и исклучително паметење тврди научничката која се вбројува меѓу петте најдобри на светот.
Со својот труд, таа успеа да докаже дека пчелите не се раководат само од инстинкт и дека своето однесување го прилагодуваат на околината и го базираат на преходни искуства.
Пчелите дури можат да сметаат и да препознаваат лица, вели Вебер која тврди дека нејзината работа докажува дека мајмуните не се единствените во животинскиот свет кои можат да поврзуваат елементи.
Нејзиното следно истражување треба да покаже како пчелите се способни за комплексни задачи со само милион неурони. За споредба, човекот има сто милијарди неурони.
