Европските експерти нема да ги следат случаите со прислушувањето
Објавено: 31 март, 2015, во 09:03 часот
Европската комисија одби да прати експерти за да ги следат случаите со прислушувањето, како што побара Јавното обвинителство на Република Македонија. Како што известија попладнево од канцеларијата на Марко Зврлевски, од Брисел се заблагодариле на поканата со позитивна оценка за заложбата, пренесе Алсат М.
„Во одговорот сме известени дека Европската Комисија во моментов нема да врши надворешната експертиза во содржината на било која поединечна кривична постапка. Притоа во дописот е истакнато дека сметаат дека единствено надлежно тело да ја цени објективноста или транспарентноста на активностите на јавните обвинители е судот од прва инстанца (и во случај на жалба апелациониот суд)“, соопштија од Јавно обвинителство на Република Македонија.
Барањето за странски експерти до Европската комисија беше испратено преку МНР и мисијата на ЕУ во земјава на 13 Март. На прашања на АЛСАТ М, од Обвинителството тогаш објаснија дека мисијата би имала само набљудувачки карактер без можност за влијание во текот на постапките и одлуките.
„Експертите би биле во тек со работата над предметите поврзани со актуелните случувања, но без да даваат конкретни насоки за текот на истрагата, како и за донесување јавнообвинителски одлуки. Меѓународните експерти ќе бидат во тек со работата на надлежните обвинители по предметите, во поглед на објективноста и непристрасноста во постапувањето и примена на стандардите, додаваат од Јавното обвинителство.
И покрај одбивањето, од Јавното обвинителство велат дека поканата за меѓународни ексепрти останува отворена.
