Премиера во велешки театар на „Спанаќ со пржени компирчиња„

Објавено: 30 април, 2015, во 13:07 часот

Урнебесна комедија што публиката повеќе пати ја насмеа до слози и во која беше очигледно дека уживаат лицата кои одлично ги симнаа улогите на ликовите кои им ги довери режисерот. Вака беше синоќа на сцената и во публика во велешки театар на премиерата на претставата „ „Спанаќ со пржени компири“ работена според текст на унгарскиот драмски автор Золтан Егреши и во режија на Ненад Витанов. Тој по премиерата не го сокри задоволството што публиката со уживање ја прифати претставата и ги наградуваше актерите, повеќе пати, со громогласен аплауз.

„Мислам дека со претставата направивме полн погодок и дека публиката ќе ја сака како и тоа дека долго време ќе остане на репертоарот на театарот. Животот е убав, весел и покрај сите среќни или несреќни моменти кои неминовно ни се случуваат. И покрај несреќните моменти потребно е вечно да ја држиме насмевката на нашите лица,“ рече Витанов.

Актерот Владимир Тулиев, од штипски театар кој гостува во претставата, се чуствуваше почестен што одигра еден од главните ликови на сцената на велешки театар. Тој на публиката и ја раскажа приказната за вербата во остварување на недостижното.

„До вчера имавме тешки проби, иако нели станува збор за комедија. Но иако е комедија сепак треба да се пронајде вистинската нишка за претставата да допре до публиката. Мислам дека успеавме. Јас сум задоволен а бидејќи сега пред изјавава кратко разговаравме со колегите кои настапуваат во претставата ќе кажам дека сите сме задоволни. Знаете, не е едноставно да се настапува пред велешката публика која е едуцирана и пробирлива,“ рече Тулиев.

Спротивно на воздржаноста која публиката знае да ја покаже на премиерното прикажување на претставите , синоќа, велешани неколкукратно ги наградија актерите со громогласни аплаузи. Тоа му се допадна на актерот Фаик Мефаиловски.

„Зад ликот на главниот судија се крие еден мамин син, многу амбициозен поттикнуван од мајка му. Чита поради тоа што мајка му му кажала, неможе да ја одбие во ништо, кога ке му приготви јадење тој не може да не јаде бидејќи е страствен гурман. Класичен лигло што би рекле ние велешани. Беше одлично, имаше смеа и аплаузи на точни места додека ние игравме на сцена. Мислам дека за тоа придонесе што претставата е добро спакувана, ќе се игра многу долго на оваа сцена а се надевам на настапи како гости,“ рече Мефаиловски.

Искрените реакции на публиката за актерот Жарко Сапсовски преставуваа награда по напорниот период на подготовка на претставата. Тој не пропушти да и се заблагодари на публиката.

„Сочувствувам со ликот и навистина жалам што на крајот мора да се откаже од спанаќот. Јас ликот го разбрав уште на прво читање, заљубен е и тоа е тоа. Иако да бидам искрен не сум се нашол во таква ситуација,“ рече Спасовски.

Претставата претставата „ „Спанаќ со пржени компири“ е на редовниот репертоар на велешки театар./У.Ј

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.