По масовните труења на бездомни кучиња и мачиња во Велес, од „Гласот на животните“ бараат откривање и казни за сторителите
Објавено: 1 јуни, 2015, во 14:07 часот
Слепиот мачор Бруно, кого велешани пред четиринаесет месеци го спасија од бунар во кој падна на Којник, деновиве не го преживеа отровот што му го фрлиле соседите во дворот на неговиот згрижувач Марјан Крстевски. Отруен е во мојот двор во населбата Дворови заедно со уште еден мачор и три бездомни кучиња згрижени кај мене вели Крстевски.

„Само еден сосед може да ми фрли отров во мојот двор, каде што беа врзани кучињата. Прво Бруно го најдов затруен и се обидов да му помогнам што е можно побргу но не успеав. Наредниот ден мртво го најдов кучето Бубо а потоа и кучињата Ежето и Вида која мислам дека умре од тага што претходно ги виде мртви двете мачиња и двете кучиња или пак имаше и она каснато од отровот во помала количина. Инаку сите крвареа и им беа крвави очите. Со активистите од здружението Гласот на животните се обидовме да ги спасиме. Им дадовме се што е неопходно во таков случај но не успеавме,“ рече Крстевски.

Освен овој изолиран случај, масовно труење на животни изминатиов викенд во Велес имаше на повеќе други локации меѓу кои и во дворот на основното училиште „Васил Главинов“. А токму таму играат голем број на деца кои живеат во околните згради и куќи. И токму тие биле сведоци на грозоморната глетка на угинувањето на животните вели загрижената мајка, Анета Цветковска. Таа открива дека сите деца се членови на здружението Гласот на животните и се грижат за бездомните кучиња и мачиња.

„ Страшна беше глетката кога угинуваа а децата тоа го гледаа. Имаат трауми. Тоа е страшно да го гледа возрасен човек а не мало дете. Ако на некого не му е грижа нека помисли само во каква опасност ги доведува малите деца кои играат на места на кои се фрла отров. Надлежните мора да превземат мерки против флачите на отров,“ рече Цветковска.
Од Здружението „Гласот на животните“ денеска со остра реакција за масовното труење кое од 24 Мај до 30 Мај се случи во Велес. Тогаш угинаа дваесет и осум бездомни животни. Претседателката Меги Ѓоргиева вели дека не се задоволни од игнорантскиот однос на полицијата, ветеринарните лекари и инспектори. Полицијата на сите нивни пријави одговорила само со едно излегување на лице место.

„ Сите труења се пријавени во полиција но за жал само еднаш излегоа на терен и тоа откако група на мали деца отидоа и пријавија во полициската станица и побараа да излезат на терен за да видат што се случува. Лошо е тоа што труењата се случуваат во парковите и училишните дворови каде што најмногу се движат и играат децата. Проблемот во Велес е што не е јасно кој треба да излезе и да направи увид. Контактиравме ветеринарен лекар и инспектор и топката се префрлаа од еден на друг. Поединечните и групни труења на животни постојат во Кривичниот закон на РМ во член 133 за мачење и убивање на животни, член 118 за загадување на животна средина и 188 за општа опасност по животот на луѓето,“ рече Ѓоргиева.

Од „Гласот на животните“ бараат целосно ангажирање на полицијата, инспекциите и останатите надлежни служби во откривање и законско санкционирање на сторителите на убиства на животни. Поголема контрола на земјоделските аптеки при купувањето на отровни хемикалии и спроведување на казнените одредби од кривичниот закон./У.Ј


