Лицата со оштетен вид во Велес ќе добијат дневен центар
Објавено: 9 јуни, 2015, во 10:33 часот
Почна да се реконструира просторот во Агенцијата за вработување, наменет за дневен центар за слепи лица и лица со оштетен вид во градот. Од голема и комотна соба за дневен простор, кујна и тоалети ќе се состои катчето во кое овие лица секојдневно ќе можат да се дружат, да разменуваат информации, но и да ги реализираат сите активности и потреби.
Објектот ќе има пристапна рампа и приод кој ќе им овозможи непречено движење на лицата со оштетен вид. Градежните работи се започнати, ќе се менува дограмата, а ќе се прави и нова фасада. Внатрешноста ќе биде опремена со сите потребни елементи за оваа категорија на граѓани. Објектот треба да биде готов за еден месец.

„Јас се надеван дека за 45 дена после доставувањето на дикументите од страна на надзорот се ќе биде во ред и ќе можеме официјално овој објект да им го предадеме на луѓето за кои е наменет“, рече градоначалникот на Велес Славчо Чадиев.
Дневниот центар за лица со оштетен вид е заеднички проект на општината и министерството за труд и социјална политика. По 800 илјади денари ќе ги чини и двете институции за комплетно завршување на центарот. Со слепите и лицата со оштетен вид, кои во градот ги има околу стотина, ќе работат и стручни луѓе.
„Во соработка со министерството ќе одредиме стручни луѓе кои што ќе работат со овие лица. Знаеме дека има недостиг од кадри специјализирани за работа со оваа категорија на луѓе, но тука се и социјалните работници и дефектолозите . Не е проблем во првите неколку месеци општината да даде финансиска поддршка за вработување на потребниот број на луѓе“, рече Чадиев.

„Ако секој од нас во секојдневниот живот има потреба од се поголем број на информации, комуникација со околината и поддршка, лица со каков бил хендикеп имаат потреба двојно или три пати повеќе“, рече пратеникот Ѓорѓи Коџобашиев.

Со дневниот центар општината продолжува со реализација на Акциониот план за лицата со посебни потреби во градот./Д.С


