Режисерот Деан Дамјановски со награда од фестивалот „Војдан Чернодрински“

Објавено: 19 јуни, 2015, во 13:54 часот

Наградата за современа сценска драматизација на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ отиде во рацете на режисерот Деан Дамјановски. Тој наградата ја доби за драматизација на расказите на Драги Михајловски во претставата „Приказни од шестиот кат“ на велешки театар која наместо во Прилеп се одигра во Велес. Вака одлучи жирито на фестивалот во состав Ѓорѓи Јолевски, Тони Михајловски и Илбер Муртези. За најдобра претстава на годинешното издание на фестивалот жирито ја прогласи „Електра“ во режија на Андри Жолдак во изведба на МНТ.

Оваа претстава се закити со уште четири награди: најдобра режија, најдобра женска улога, награда за женска епизодна улога и награда за млад актер. Наградата за најдобра машка улога ја доби актерот Адем Карага за улогата во претставата „Предавање“ на Албанскиот театар-Скопје. Актерот Митко Апостолоски ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога во претставата „Иванов“ на Битолски театар, додека актерката Слаѓана Вујошевиќ од Турскиот театар ја доби наградата за млада актерка за улогата во претставата „Сон на летната ноќ“. Наградата за најдобра сценографија ја доби Валентин Светозарев, а најдобар костимограф беше прогласен Благој Мицевски.

Инаку во Прилеп изминатите денови се одржа јубилејното педесето издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“, на кое учествуваа 14 театарски претстави./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.