На денешен ден е роден екс претседателот Борис Трајковски
Објавено: 25 јуни, 2015, во 09:48 часот
На 25 јуни 1956 роден е Борис Трајковски, вториот по ред претседател на Република Македонија (од 15 декември 1999 година, до 26 февруари 2004 година).
Трајковски дипломираше на Правниот факултет на Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ во Скопје, а во 1980 година, специјализираше економско право и трудово право. До 1997 г. раководеше со правна служба во стопанско претпријатие, а од 1997 до 1998 г. беше шеф на Кабинетот на градоначалникот на Општина Кисела Вода – Скопје.
Од крајот на 1998 г. беше заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија во Владата на Љубчо Георгиевски. Тој, исто така, беше и председател на Комисијата за надворешно-политички односи на ВМРО-ДПМНЕ и политички советник за надворешна политика на председателот на ВМРО-ДПМНЕ, беше член на Председателството на невладината организација Паневропско движење на Република Македонија и на меѓународната конференција „Разрешување на конфликти” со седиште во Атланта, САД. Учествуваше на многубројни меѓународни конференции на тема разрешување на конфликти, религиозна толерантност, религиозна слобода, а беше и претседател на Младинската организација на Обединетата методистичка црква во Југославија повеќе од 12 години.
Борис Трајковски умре на 26 февруари 2004 г. во авионската несреќа што се случи во планински предел во близина на Мостар. На пат кон Сараево во истиот авион патуваа вкупно девет луѓе и сите трагично ги загубија животите.
