Самохрана мајка бара од државата повеќе слух за нејзиното глуво дете
Објавено: 30 јуни, 2015, во 14:20 часот
„ Зошто државата нема слух за моето глуво дете“, праша денеска четириесет и две годишната Драгица Дамјановска, самохран родител на дете со оштетен слух од Велес. Таа веќе шест години сама го одгледува десетгодишниот Мухамед. По разводот од сопругот и татко на детето, Драгица, раскажа дека едвај успеваат да преживеат со 6 илјади денари што државата им ги дава за траен инвалидитет на детето и за социјална помош.Од оваа сума вели самохраната мајка не беше лесно да платам кирија, комуналии и да обезбедам храна а сега се помалку за 1.200 денари бидејќи ми ја скратија социјалната помош.

„ Останав без тие пари затоа што секој месец не сум се пријавувала во Агенцијата за вработување. А вработените таму пред шест месеци ми рекоа дека поради инвалидитетот на детето не можам да се надевам на работа. Кога ме опоменаа во Центарот за социјални работи дека морам да се пријавувам месечно јас отидов во Агенцијата и им објаснив за да ме стават повторно во категоријата на месечни пријавувања. Но, тоа не ми помогна бидејќи ја изгубив социјалната помош. Кога сега отидов да ги обновам документите ми рекоа дека повторно не можам да добијам затоа што во меѓу време на трансакциската сметка роднини од Црна Гора ми префрлија околу две илјади евра од оставнината на мајка ми. Не ми го прифатија документот што ми е потврда за трансакцијата и во кој пишува од каде и зошто сум ги добила парите. А немав пари ниту за пат, за да отидам до Црна Гора и да си земам тоа што ми припаѓа како дел од семеен имот. И на крајот ми влегоа крадци во собата во која живеам како подстанар и ме ограбија па сега сум целосен губитник,“ рече Дамјановска.
Таа летово вели дека ќе биде малку поспокојна бидејќи не ќе мора Мухамед секој понеделник да го носи и во петок да го зема од интернатот за деца со оштетен слух во Битола. Нејзиниот син учи таму. Тоа не можела да си го дозволи ниту во изминатите четири години, бидејќи немала постојано пари за пат кој во еден правец за двајцата чини по илјада и петстотини денари. Затоа Мухамед го гледала само еднаш на месец и половина.

„ Стално плачеше и се вознемируваше. Ме викаше да дојдам и тој и воспитувачите. Јас знаев дека сум му потребна на Мухамед но не можев да платам автобус и да обезбедам храна. Неговиот татко не плаќаше алиментација па морав да водам и судски спорови за да издејствувам некој денар преку извршител. Незнам веќе каде да се пожалам и да побарам помош а ни треба. Јас работам штом најдам ангажман. Чистам и негувам стари жени. Така собирам по некој денар но ми треба постојана работа. Ни треба и покрив над глава. Конкурирав за социјален стан затоа што знам дека има два такви стана во Велес. Поднесов документи и за стан во социјалните згради во населбата Тунел. Досега немам одговор,“ рече Драгица.
Неа само еднаш и помогнала општината од каде добила еднократна парична помош. Кога би имала разбирање и кај државните институции, за стан и работа, тогаш Драгица мисли дека ќе се растовари од проблемите и повеќе ќе му се посвети на детето кое освен што носи апарат за слушање има и проблеми со срцето,алергии и бронхитис. /У.Ј

