Земјоделците од велешко се жалат на ниска откупна цена на пченицата

Објавено: 7 јули, 2015, во 10:08 часот

Почна жетвата на пченицата. Во прибирањето на родот се ангажирани триесетина комбајни и друга приклучна механизација. Но земјоделците се збунети, не само од намалениот род туку и од тоа што нема каде да ја продадат пченицата. Купувачи нема а и оние малкуте нудат многу ниска цена и сакаат родот да го купат за 10 денари по килограм, се жалат производителите.

„За тие пари нема да ја дадам пченицата. Имам овци и ќе им ја дадам како добиточна храна. Минатата година имав 20 хектари годинава ги намалив на 10, а оваа есен под лебно жито не знам дали ќе засеам само неколку хектари“, рече Трајко Игнов од Стариград.

Во одделни региони поради лошите временски прилики родот потфрли, па од хектар се собираат едвај околу 2000 килограми лебно жито. Со овие приноси и понудената цена земјоделците не можат да ги покријат ниту основните трошоци.

Земјоделците велат дека од најавените откупни цени од 10 до 14 денари, во зависност од квалитетот на родот, што ги одреди министерството за земјоделство, нема ништо. Доколку не се преземат мерки лебното жито наместо за производство на храна ќе биде употребено како добиточна храна.

„Навистина е жално Македонија, кога ги има сите услови за да си обезбеди храна, да дава големи девизи за увоз на пченица. Греота е нашата пченица да ја користиме како добиточна храна и значително да ги намалуваме површините под оваа култура, рече Милан Спасиќ, од село Иванковци.

Најголеми површини под пченица и годинава има во ЗК „Вардар“, Градско како и во реоните на селата Иванковци, Сујаклари, Ново Село, Раштани, Оризари и Чашка./С.А

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.