Опожарени уште две палми во Велес
Објавено: 10 јули, 2015, во 09:36 часот
Уште две палми се опожарени ноќеска во Младинскиот парк во Велес. Од СВР Велес информираат дека околу три часот по полноќ било пријавено опожарувањето на двете палми. На лице место веднаш интервенирала територијалната противпожарна единица и спречила пожарот да се прошири на другиоте палми и тревата. И утрово се ширеше чад од запалените палми во паркот. Вработен од ЈКП Дервен со црево ги полеваше палмите и тревата околу нив. Увид на местото направила и екипа на СВР Велес. Од таму велат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот на вандалскиот чин.

Опожарувањето на палмите во Младински парк како да стана навика на несовесни граѓани. Само пред неполн месец, поточно на 12 јуни, малолетник опожари една палма и направи штета во висина од 500 евра. Љубопитното момче експериментирало со тропското растение и со запалка ја потпалило кората на дрвото. И тогаш брзата реакција на пожарникарите спречила огнот да ги зафати и останатите палми. Петнаесет годишното момче заработи кривична пријава за „оштетување на туѓ предмет“. Според кривичното дело малолетникот може да биде осуден на парична казна па дури и на затворска казна во времетраење помеѓу шест месеци и пет години.
Инаку во Велес пред четириесетина дена се засадија 47 палми на неколку локации низ градот. Засадувањето на палмите предизвика бурни реакции кај граѓаните, дел од нив позитивни но имаше и негативни. Сепак сите заедно го осудуваат несовесното однесување на граѓаните и палењето на палмите./Д.С


