Сопствениците со наведнати глави и молкум ги дислоцираат времените објекти од тротоарот кај Авона

Објавено: 10 јули, 2015, во 13:40 часот

Еден времен објект е тргнат, вториот сопствениците го дислоцираат денеска и уште три ќе треба да се преместат од тротоарот кај Авона, во велешката Нова населба, поради изградбата на новиот кружен тек во градот. Локацијата треба да биде расчистена до понеделник, последниот ден што општината им го даде на сопствениците на овие времени објекти на улицата „Осма велешка“.

Денеска таму сопственикот на еден од објектите, додека го демонтираше и ја уриваше платформата, не сакаше ни да се фотографира ниту да даде изјава. Тој не е единствен што мисли дека објектите не сметаат на изградбата и функционирањето на кружниот тек што ќе се гради.

Тивкиот револт што се чуствува кај овие граѓани, кои материјалната егзистенција на семејствата ја обезбедуваат токму од работата во објектите, го покажува и нивниот страв дека нема да добијат нови локации од општината. Тие се сомневаат дека за сите нема доволно простор на предложената локација од страна на општината која се наоѓа позади маркетот на „Жито“ на споредната улица.

На последната прес конференција во општина Велес беше соопштено дека сите корисници на просторот за времени објекти, на локацијата Авона, ќе бидат отстранети и во исто време ќе добијат можност да конкурираат за нови места каде ќе можат повторно да ги постават објектите.

Дел од нив денеска во банките плаќаа одјавување на приклучоци за вода и струја како и за интернет. Бидејќи сега им останува да чекаат нов оглас за добивање на локации за поставување на времени објекти потоа ќе треба да го регулираат повторното приклучување на водоводната линија и на електрична енергија./У.Ј

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.