ФАД „Стоби“ се сели од археолошкиот локалитет во новиот велешки театар

Објавено: 22 јули, 2015, во 12:08 часот

Наместо во археолошкиот локалитет „Стоби“, годинава, за прв пат, интернационалниот фестивал на античка драма најверојатно ќе се одржи во затворен простор во новиот театар во Велес. Конзерваторско-реставраторските ископувања на локалитетот и небезбедноста на камените блокови на гледалиштето во амфитеатарот во Стоби биле причината за смена на локацијата. Од организациониот одбор на Фестивалот велат дека левата страна на гледалиштето е исклучително небезбедна и постоела голема веројатност камењата да пропаднат. Дел од нив веќе биле пропаднати. Ваквата состојба според организаторот всушност го одложила терминот на одржување на Фестивалот на антички претстави за повеќе од еден месец, па наместо во јули како досега, ќе се одржи во почетокот на септември.

„Од националната установа археолошки локалитет „Стоби“ годинава не добивме одобрение за одржување на фестивалот во амфитеатарот, бидејќи тој е небезбеден за одржување.  Велешки театар ни излезе во пресрет за одржувањето на Фестивалот во новата театарска зграда. Но ние ќе му дадеме уште една шанса на локалитетот. Доколку до тој период се завршат сите работи таму да можеме да одржиме барем две до три претставите, во септември затоа што гостите од странство стриктно го бараат тој простор. Тоа е така бидејќи тој е примамливиот простор. Ако не се завршат работите до тогаш Фестивалот ќе се одржи во затворен простор, во новиот театар“, рече директор на ФАД „Стоби“, Зоран Љутков.

„ Досега сите театарски претстави на Фестивалот се одржуваа во локалитетот на одговорност на организаторот. Од националната установа „Стоби“ рекоа дека годинава не можат да гарантираат безбедност бидејки коридорот доле е отворен и не е стабилизиран . Од таа причина логично е да не се губи континуитетот на фестивалот и тој да се одржи една или две сезони во затворен простор со што нема ништо да изгуби“, рече директорот на велешки театар Јордан Витанов.

На новинарско прашање нема ли Фестивалот да изгуби од својата атрактивност доколку се одржи во затворен простор, директорот Љутков одговори дека тоа воопшто нема да биде на штета на учесниците бидејќи тие им нудат затворен простор со одлична техника.

„Не е нелогично Фестивалот да се одржи во театарот од причина што претставите со античка тема во последниве неколку години се направени во затворен простор и таму се одигруваат“, рече Љутков.

Организаторите не ја открија програмата на годинешто четиринаесето по ред издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“. Тие само најавија дека од 5 до 22 септември, годинава, ќе се одиграат девет до десет домашни и странски театарски претстави./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.