Почина еден од најбогатите Македонци преку океанот
Објавено: 31 јули, 2015, во 12:18 часот
Џон Битов беше канадски бизнисмен со македонско потекло. Тој беше роден во Торонто во 1928 од македонски родители Никола и Вана, кои потекнуваат од селото Габреш, поранешна Егејска Македонија и денес провинција на Западна Македонија во Грција. Растењето во семејство кое ги носело трагите од прогонството и голем број страдања, внело во Џон Битов чувство на патриотство за Македонија и длабока љубов за македонскиот народ. Оваа љубов станала движечка сила која го натерала Џон да го посвети својот живот на неговите верувања и идеали за помагање на Македонија и Македонците ширум светот.
Неговиот сон од детството- дека еден ден повторно ќе постои земја која ќе се вика Македонија – се претвори во реалност. Придонесите кон ова достигнување и помошта за Македонците се неговото наследство за генерациите и за ова тој ќе биде вечно запаметен.
Џон Битов има добиено бројни награди и признанија. Нему му беше врачено највисокото граѓанско признание на Канада, „Канадскиот орден“. Во Македонија тој беше почестен со највисокото признание за животно достигнување, за неговата посветеност кон Македонија, од страна на Претседателот на Републиката, Неговата Екселенција, д-р. Ѓорге Иванов, а тоа е медалот „8 Септември“.
„Џон Битов беше голем македонски родољуб и филантроп, кој ја сакаше Македонија и со зборови и со дела. Тој даде пример за тоа како треба да се промовира вистината за Македонија и како треба да се негуваат македонското име, идентитет и вредности. Во таа смисла, тој беше уверен дека никој не може да ни ја одземе „нашата сопствена независна земја со слободите кои се заработени и името кое е избрано од страна на Македонците. Речиси четврт век Џон Битов упорно работеше за поддршка на развојот и за напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и за нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со пријателска Канада. Затоа, кога прославувавме 20 години од независноста, ја имав честа, во името на благодарните македонски граѓани, да го одликувам господинот Џон Битов со Орденот „8 Септември“. Многумина Македонци се инспирирани од него и чекорат по неговите стапки, инвестирајќи во својата татковина. Република Македонија е горда што го имаше Џон Битов кој ја поддржуваше државата и ги застапуваше нашите интереси на глобално ниво. Тој започна процес на сплотување за повисоката цел, и јас сум навистина почестен што лично го познавав.“ – истакна Претседателот на Република Македонија. Н.Е. д-р Ѓорге Иванов.
Делата на Битов ќе бидат продолжени преку посветената работа на неговите пет деца: Вона, Ник, Том, Џон И. и Јордан и 16 внуци на кои им ја пренесе желбата да културата и традицијата на македонскиот народ живеат засекогаш. Во една од неговите најпознати изјави, г. Битов рече: „Мојата визија за Македонија е сите Македонци ширум светот да се сакаат и почитуваат меѓусебно“. Тој почина далеку од Македонија, но ја носеше земјата длабоко во срцето.

