Кога и како Велес стана центар на македонските железнички пруги?

Објавено: 12 август, 2015, во 14:37 часот

Цели девет децении велешани ги користат благодетите на железничкиот превоз и транспорт, во и надвор од државата. Местоположбата на градот и железничката станица се предности со кои што во изминатото столетие градот е препознатлив како центар на македонските железнички пруги. Токму на станицата во Велес се соединуваат шините од Kочани и Штип, од Гевгелија, од Скопје и од Битола – Прилеп. Освен што велешката железничка станица била домаќин на стотици илјади странски туристи кои транзит со воз ја минеле државата, исто така овој вид на превоз со децении бил омилен за велешани кои секојдневно на работа, на училиште или на факултет патувале и сеуште патуваат со воз. По девет децении кога конечно државата одлучи за прв пат да го реновира стариот и трошен објект во кои се сместени чекалната, билетарата и одделението за информации на железничката станица во градот тоа не поттикна да истражуваме кога, од кого и зошто се граделе железничките пруги кои минуваат низ Велес.

Кога пред 142 години низ градот поминал првиот воз со кој граѓани патувале од Скопје за Солун тоа значело дека се остварила иницијативата Европа со железница да се поврзе со тогашниот најразвиен трговски град во овој дел на медитеранот. А токму тоа на Велес му овозможило, како еден град од железничката рута со илјадниците километри, да започне трговски да се развива. Особено пругата била значајна за велешките трговци кои претходно често патувале со пајтони и кочии до Белград, Загреб и Солун а дел од нив и до Виена, Лајпциг, Минхен и Париз. Додека трговците почесто го користеле возот за набавка на репоматеријали и за продажба на готови производи нивните синови и ќерки ги носел на школување на повеќето реномирани европски универзитети. Изградената пруга архитектонски почнала да го менува ликот на градот а во меѓувреме и животот на граѓаните. По урнек на попознатите и помалку познати, во тоа време европски градови, во Велес почнале да се градат нови современи куќи. Од тој период се домовите на велешките семејства Конче, Здравеви, Ѓоргови и Левкови.Тогаш за првпат во Велес и во Македонија биле отворени библиотека и читална. Во центарот на градот била отворена и првата Градска кафеана, омилено место на имотните но и на помалку богати велешани.

Таму најверојатно се родила и идејата за поврзување на Велес со железница и со градовите Штип и Кочани на исток како и Прилеп и Битола на југозапад. Според пишани документи на Државниот Архив, одделението во Велес, во 1923 година велешките газди се поврзале со видни луѓе од Штип и Кочани кои имале иста цел да патуваат со воз од централна кон источна Македонија. Се договориле да побараат согласност за изградба на пруга од Дирекцијата за градење на железници во тогашна Југославија. Формирале и Одбор а документите ги завериле во Судот во Велес. Со тоа оставиле траен белег на иницијативата потпишана од граѓаните: Ѓорѓи Садников, Александар Хмалир, Јосиф Чимеров, Марин Погачаров, Александар Цанков, Иван Остров, Александар Мантиев, Глигорие Влалов, Александар Пивоваров, Александар Остров, Александар Балучаров, Васили Сафинов, Алекси Прохоров, Иван Верничерков, Милош Тирасов, Арсени Сомеин, Пажчински, Павел Брашев, Средов Брашов, Стефан Петров, Антон И. Ѓоргов, Иван Љапчин и Васил Ѓоргов. Во месец јули, 1923 година, Одборот составен од овие граѓани успеал да добие дозвола за изградба на делницата Велес- Штип.

Пет месеци подоцна, време потребно за подготовки, скици и планови, започнала изградбата на железничката пруга од Велес до Кочани. Проектот предвидувал време од една година за изградба на пругата. И не било се така лесно. Покрај тоа што биле ангажирани голем број на луѓе со обврска пругата да ја завршат до месец ноември 1924, според архивските документи, изградбта првично ја закочиле поземните води во близина на денешниот градски стадион во Велес, потоа следеле изградбата на Железниот мост, изведбата на делот кој мине преку ридот кај населбата Дурутовец, месноста Уши и до селата Отовица и Кумарино. Тогаш бил ангажиран и рускиот стручњак Тикаролов кој мошне успешно ги поставил шините на пругата од Велес до селото Сујаклари.

Изградбата полесно се одвивала низ македонската житница, Овче поле. Железничките шини и треверци брзо се поставувале од селото Милино преку Џумајлија до Кадрифаково и се до Штип. Така првиот воз во штипската железничка станица влегол еден месец пред предвидениот рок,поточно на 20 октомври 1924 година. Тогаш во градот под Исарот, по тој повод, се случила општа веселба.

А Кочанци возот го чекале уште една година. Железничката пруга Штип – Кочани е пуштена во употреба во ноември 1925 година.

Инаку, изградбата на оваа пруга во Македонија, позитивно влијаела на економскиот развој на Велес. Во 1924 година покрај фабриките Колска и Монопол, во градот биле изградени зејтинарата на браќата Органџиеви и фабриката за цевки на браќата Левкови. Но велешките газди не застанале тука. Трговците и фабрикантите почнале да размислуваат како Велес со железница да го поврзат со Прилеп и Битола. Иницијативата ја претвориле во дело на 14 јануари 1936 година кога пругата Велес-Прилеп е пуштена во употреба.

 

Стоилко Андреевски

Убавка Јаневска

Даниела Саздова

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.