Штркот што го најде и негуваше велешанецот Виктор Мазнев најверојатно ќе презими во Велес
Објавено: 19 август, 2015, во 11:34 часот
Неизвесна е судбината на штркот кој велешанецот Виктор Мазнев и неговата пријателка Јасмина Јовановска го негуваа и хранеа откако го пронајдоа со рана во пределот на градите. По заздравувањето на раната Виктор го врати штркот во јатото за да биде меѓу своите. Тие продолжија да го хранат и негуваат надевајќи се дека ќе полета на југ со останатите штркови, но тоа не се случи.
Несовесни граѓани го зеле од гнездото и буквално си поиграле со него. Го пуштиле во Вардар од Железен мост со намера да полета, но поради повредата на едното крило, штркот паднал и уште повеќе се повредил. Штркот, во својот дом, го згрижиле хумани луѓе и заедно со Виктор и Јасмина се обидуваат да му ја санираат повредата и да му ја вратат силата.
„Благодарение на совесни и хумани луѓе, штркот е згрижен во домот на едно семејство, но немаме надеж дека ќе се врати на југ поради тоа што повредата на крилото е сериозна и не верувам дека ќе полета. Се надевам дека зимово ќе го преживее во Македонија исто како и многу други штркови кои останале тука и презимиле. Последниве неколку дена имаше уште еден штрк кој леташе над Вила Зора, не знам можеби го чека повредениот па заедно да полетаат бидејќи тие летаат во парови“, рече Мазнев.

Виктор и Јасмина се надеваат дека судбината на штркот, за кој со голема љубов се грижат, нема да биде трагична. Тие велат, ако не е со своите барем да биде меѓу добри луѓе. И двајцата размислуваат и смислуваат начин како штркот да ја помине зимата во Велес.
„Јас видов на интернет еден пример со повреден штрк женка во Србија. Ја пронашол човек кој ја негувал цело зимо и секоја пролет доаѓал машкиот штрк и имаат гнездо, машкиот лета со младите, а таа останувала кај човекот што ја негувал. Се надевам дека истото ќе се случи и со нашиот штрк. После ова што се случи принудени сме да го припитомиме и да живее во средина со луѓе, да презими тука, за да можеме да го заштитиме“, рече Мазнев.

Не само за штркот Виктор, Јасмина и останатите членови на Здружението „Гласот на животните“ секојдневно се грижат и ги вдомуваат сите повредени улични и напуштени животни. Тие уште еднаш со апел до граѓаните совесно и хумано да се однесуваат кон сите живи суштества./Д.С


