Дипломатскиот Синдикат ќе расправа за Караѓозовска
Објавено: 25 август, 2015, во 08:26 часот
Македонската амбасадорка во Загреб, Даниела Караѓозоска, ги отстранила од својот Фејсбук-профил фотографиите на кои се гледаше како таа го употребила своето службено возило за приватната роденденска забава на ќерка ѝ. На фотографиите што ги објави „Слободен печат“ можеше да се види како Караѓозоска го украсила службениот „пасат“ со ленти на кои пишува „среќен роденден“, со слика од мечиња и торта, а ќерката на амбасадорката во рацете држи балони и букет цвеќе, пишува „Слободен печат“.
Сашо Тодоровски од дипломатскиот синдикат при МНР, по објавениот напис во „Слободен печат“ посочува дека ова е крајно недолично однесување на еден амбасадор.
– Овој случај ќе го отворам пред Управниот одбор на синдикатот и ако се согласат колегите, ќе побараме нејзино итно враќање во земјава. Вакво нешто досега не е познато. Се случувало сопрузи или сопруги на дипломати да користат службени возила и да направат некои грешки, но веднаш било реагирано. Сепак и брачните придружници се во некаква служба. Но, ова што го направила Караѓозоска е крајно несериозно. Госпоѓата очигледно не разликува државно од службено – изјави Тодоровски.
