Битолчанка си победи во трката на штикли на Широк сокак
Објавено: 26 август, 2015, во 09:12 часот
Дваесетгодишната битолчанка Анета Јанкуловска е победник на годинешната Трка на штикли на Широк сокак во Битола, што синоќа се одржа по четврти пат.
Годинава манифестацијата имаше интернационален карактер, а учествуваа 14 девојки, 11 од Македонија и 3 од Турција.
Според пропозициите, натпреварувачките носат потпетици повисоки од 8 сантиметри и не е дозволено да трчаат во чизми. Се натпреваруваат на патека долга 80 метри.
Регуларноста на трката ја следеше петчлено жири, а за трите најбрзи девојки организаторот обезбеди и парични награди.
Организатор е Младинскиот културен центар од Битола, од каде велат дека манифестацијата ја симболизира упорноста и истрајноста на модерната жена, која и на високи потпетици го освојува светот и упатува порака за јакнење на улогата на жената во современото општество.
Извор: Локално.мк
