Со исхраната заштитете ги крвните садови

Објавено: 27 август, 2015, во 07:49 часот

Лук

 

Најпознатиот чувар на здравјето на крвните садови е лукот. Лукот го намалува нивото на ЛДЛ (лошиот холестерол) во крвта и спречува создавање на масни наслаги во крвните садови. Најновите истражувања покажуваат дека благодарение на супстанции кои се ослободуваат при дигестија на лукот, како што е водород сулфидот, крвните садови се релаксираат и со тоа се зголемува крвниот проток.

Вклучете најмалку 1 до 4 чешниња лук во секојдневното мени. Најдобро е да го консумирате сиров, но може да го додадете во супи и приготвени јадења во комбинација со разни зеленчуци и месо.

Маслиново масло

Поради есенцијалните масни киселини, маслиновото масло успешно го намалува нивото на лош холестерол и го покачува нивото на добар холестерол. Дополнително, малиновото масло е богато со антиоксиданси и полифеноли, супстанции кои спречуваат создавање на масни наслаги во крвните садови.

Лубеница

Освен што е вкусна, лубеницата е и чувар на здравјето на крвните садови. Ова овошје е природен извор на аминокиселнината Л-цитрулин, која помага во намалување на инфламацијата на крвните садови и намалувањето на крвниот притисок.

Затоа, секогаш кога сте во можност, послужете ја лубеницата на вашата трпеза и направете овошната салата или свежо исцеден сок од лубеница.

Бадеми

Овие јаткасти плодови кои изобилуваат со незаситени масни киселини, помагаат во регулирање на холестеролот. Освен тоа, бадемите се богати со магнезиум, кој спречува создавање на масни наслаги на крвните садови.

Консумирајте 3 до 5 пати неделно по една рака сирови бадеми.

Брокули

Брокулите се богати со витаминот К, со чија помош се спречува калциумот да го оштети ѕидот на крвните садови. Покрај тоа, овој зеленчук изобилува со сулфорафан, супстанција којашто му помага на организмот да користи протеини со цел спречување на формирањето на масни наслаги во крвните садови.

Докажано е дека вклучувањето на брокула најмалку 2 до 3 пати во неделното мени, ќе помогне во прочистување на крвните садови. Најдобро е овој извонреден зеленчук да го консумирате сиров, приготвен на пареа или на скара.

Авокадо

Високото ниво на лош холестерол го стимулира создавањето на масни наслаги во крвните садови. На сметка на тоа, крвните садови ја намалуваат својата еластичност и се стеснува луменот, со што се оневозможува непречен проток на крвта. Авокадото помага во намалување на нивото на лошиот холестерол со што индиректно се спречува развојот на овие процеси.

Портокал

Научниците веруваат дека благодарение на високата концентрација на витамин Ц и полифеноли коишто во изобилство ги содржи портокалот, се прочистуваат крвните садови и се обезбедува непречен проток на крвта.

Ленено семе

Лененото семе е еден од најдобрите извори на алфа-линолеинска киселина (омега-3 масна киселина). Со помош на омега-3 масните киселини се намалува крвниот притисок и се прочистуваат крвните садови од масните наслаги, па затоа не заборавајте во следниот оброк да го вклучите лененото семе.

Аспарагус

Благодарение на богатата комбинација на минерали и витамини, вклучувајќи ги К, Б1, Б2, Ц иЕ, аспарагусот е една од најдобрите намирници за прочистување на крвните садови. Овој зеленчук го намалува крвниот притисок и помага во борба против разни кардиоваскуларни болести.

За максимално да ја извлечете хранливата вредност на аспарагусот, јадете го сиров или пригответе го на пареа.


Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.