(ФОТО) Гроздoберски викенд во Кавадарци

Објавено: 30 август, 2015, во 08:30 часот

Кристијан Ивановски и Елена Радулова ја предводеа карневалската процесија од винскиот карневал што синоќа се одржа во Кавадарци,  како дел од манифестацијата „Тиквешки гроздобер“. Тие кренаа здравица  за успешен и бериќетен гроздобер.

Трет ден Кавадарци живее со активностите од стопанско-туристичката и културна манифестација Тиквешки гроздобер,  преку која на симболичен начин се означува стартот на берба на грозје.

 

Винскиот карневал годинава беше посиромашен со карневалски поставки. Имаше само петнаесет маски. Гостите од Струмица преку својата маска „Генетски модифицирани моркови“ упатија порака дека ако штетници не јадат храна која е генетски модифицирна, тогаш како истата да ја јадат луѓето. Гостите од Воден заиграа на звуците од познатата „Македонско девојче“, а присутни со своја оригинална маска беа и гостите од Лесковац- Р.Србија и  од Бугарија.

Присутните со аплауз ја поздравија и кралицата на водите, „Кожувчанка“, карневалска поставка на истоимената компанија.  Имаше и неколку други кавадаречки маски, иако изостанаа џаламарите од Бегниште и Сопот, градскиот оркестар и некои други поставки кои во изминатите години беа белег на гроздоберот.

Винскиот карневал заврши со спектакуларен огномет, а потоа кавадарчани и гостите кои дојдоа од цела држава се забавуваа со хитовите на „Црвена јабука“ и Оливер Драгоевиќ.

Мислењата на кавадарчани околу годинашното издание на Тиквешки гроздобер се поделени. Едни се задоволни од содржините, други негодуваат бидејќи за прв пат годинава се одржува порано од традиционалниот датум во септември.

„ Горд сум што Кавадарци опстојува на својата традиција, но имаме само една забелешка, а таа се однесува на промената на датумот за одржување. Ние во асоцијацијата имаме востановено календар и сите карневалски групи претходно ги планираат своите настапи. Можеби тоа е причина што одредени групи не дојдоа денеска“ рече Александар Цицимов, претставник на бордот на Асоцијацијата на карневалски градови од која е дел и кавадаречкиот карневал.

Додека се одвиваше карневалската процесија од терасите на хотел „Балкан“ протестираа навивачите „Лозари“. Тие извикуваа „Сакаме спорт“. Одлучиле да го искажат своето незадоволство што општината не превземала соодветни активности да го одземе стадионот од концесионерот и што не давала придонес во развој на спортот.

Денеска под маски ќе бидат најмладите. За нив се одржува детскиот карневал. Вечерта е резервирана за настап на Наташа Малинкова, Супер хикс и U2 трибјут бенд./А.Д

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.