Почна новата школска година и повторно собир на средношколците во Паркот на новинарите
Објавено: 1 септември, 2015, во 07:12 часот
Од денеска стартува новата 2015/ 2016 учебна година за околу 275 илјади ученици во основните и средните училишта. Во новата учебна година според статистичките податоци во училишните клупи за прв пат ќе седнат околу 20 илјади првачиња.
Новата учебна година ќе стартува со старите проблеми. И покрај протестите на учениците и професорите кои ја одбележаа минатата година, екстерното оценување останува, јави 24 Вести.
Надлежните попуштија само за државната матура, па и годинашните матуранти ќе полагаат по стариот концепт. Измените на законот за средно образование се одложени за следниот септември, иако првично беше најавено дека конечниот концепт ќе биде дефиниран со стартот на новата учебна година.
На надлежните им било потребно повеќе време за договор со сите засегнати страни, а за средношколците ова е само одложување на реалните проблеми, а не нивно трајно решавање.
Тие очекуваат средба со првите луѓе во министерството бидејќи, како што велат, нивната борба за поквалитетно образование допрва почнува. Средношколците велат дека со стартот на новата учебна година ќе ги зголемат активностите за квалитетно образование.
Средношкошколскиот пленум денеска ќе организира јавен собир во Паркот на новинарите-местото каде беше организиран средношколскиот камп.

